Искршен асфалт, сообраќајни знаци, банкини и купиша земја има проголтано провалијата што се појави на регионалниот пат Новаци-Маково. Свлечиштето е длабоко над 10 метри, велат работниците кои екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК ги затекна на терен при денешната посета на местото. Сликата која ја видовме таму е навистина лоша. Се претпоставува дека ова е најголемо свлечиште во Битолскиот Регион во последните 20 години.
Јамата е долга нешто помалку од стотина метри, а во неа не е потонат само патот, туку и голема површина околно земјиште. Пречникот на одронот е прилично голем.
Патот води до неколку мариовски села каде нема многу жители, но ова е единствената асфалтна сообраќајница која ги поврзаува со населени места. За селата да не се отцепени, во близина на свлечиштето е направен земјен обиколен пат со чакал во должина од половина километар. Бидејќи времето е врнежливо, патот е каллив и лизгав.
„Со лесна кола одвај поминав, шлајфуваат тркалата зашто има кал. Уште ова му фалеше на Мариово кое и онака остана со една рака жители“, ни рече Лазар Цветковски, жител од овој крај.
Од Македонија пат Битола велат дека на патот поставиле тампон, денес доставуваат и гребен асфалт, а поставена е и сигнализација за ограничена брзина на возење.
Првата дојава за свлечиштето била на 27 ноември, а посериозни деформации на коловозот се јавиле скоро месец подоцна односно околу полноќ меѓу 22 и 23 декември.
Градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски, рече дека преку алтернативниот пат сообраќајот не е во прекин, но треба да се вози внимателно.
Големата јама е преку патот на депонијата Мелгенци каде сега се стигнува по алтернативниот пат, по кој возат камиони натоварени смет.
Засега нема информации дали постои опасност од понатамошни одрони. Не се знае точно ни причината за свлечиштето, иако не е исклучена можноста да е предизвикано од врнежи и влага. Сегашното решение е само алтернативно, за трајно ќе треба да се изработи проект за сериозна санација на одронот.
Ова е четвртро поголемо свлечиште во изминатите дваесетина години кое во Битолско се имаа појавено, по претходните три на патот Битола-Ресен, Пелистер и на обиколницата над градот за чии реконструкции се чекаше подолго време. Со оглед на големата зафатнина, санацијата на овој дел од патот нема да оди брзо.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



