ОТСТРАНЕТА НАЈГОЛЕМАТА БЕТОНСКАТА БАРИЕРА ВО ЗЕМЈАВА ШТО ГО ПОПРЕЧУВАШЕ ТЕКОТ НА ПЧИЊА

    ОТСТРАНЕТА НАЈГОЛЕМАТА БЕТОНСКАТА БАРИЕРА ВО ЗЕМЈАВА ШТО ГО ПОПРЕЧУВАШЕ ТЕКОТ НА ПЧИЊАБетонската бариера била изградена за време на Втората светска војна, како премин за тенкови од едната на другата страна на реката Пчиња. (Фото: Еко-свест)

    Отстранета е бетонската препрека долга 50 метри и широка 30 метри на реката Пчиња, кај месноста Шупљи Камен, Кумановско, која го попречуваше природниот водотек на реката. Бетонската бариера била изградена за време на Втората светска војна, како премин за тенкови од едната на другата страна на реката Пчиња.

    Со текот на годините, конструкцијата постепено се оштетувала и поради дотраеноста претставуваше опасност и за локалното население, а предизвикуваше и сериозна штета врз екосистемот. Како резултат на бариерата, водата течела поспоро, а поради овој застој биле забележани параметри што укажувале на зголемено загадување и намалено ниво на кислород во реката. Дополнително, околу бетонската брана, поради задржувањето на водата, се имала собрано голема количина отпад, кој уште повеќе го блокирал текот на реката.

    „Ова е најголемата препрека што е отстранета досега во Македонија, но и во Европа. Анкетата на јавното мислење, која ја спроведе агенцијата Брима во октомври 2025 година, покажува дека 91% од населението поддржува отстранување на непотребните речни бариери. Тоа укажува на висока свесност за здравјето на реките и за потребата тие да се зачуваат“, вели Ана Чоловиќ-Лешоска од „Еко-свест“.

    Активностите за отстранување на бетонската бариера започнаа на 12 октомври и завршија на 15 декември годинава. Со ова, според екологистите, ослободен е речен тек во должина од 72 километри по реките Пчиња и Крива Река.

    Отстранувањето е реализирано во соработка со Општина Куманово и Државниот инспекторат за животна средина. За оваа интервенција биле подготвени технички проект, геодетски елаборати и елаборат за заштита на животната средина.

    „Со оваа акција се подигнува свеста дека непотребните бариери можат да претставуваат опасност за животот на локалните заедници и затоа треба да се отстрануваат. За тоа да стане пракса, неопходно е соодветно регулирање на оваа проблематика во новиот Закон за води и неговите подзаконски акти“, велат од „Еко-свест“.

    Од организацијата велат дека лани идентификувале 45 бариери во сливот на реката Пчиња, од кои поголемиот дел се нелегални или без соодветна документација, а кај некои не е утврдена ниту сопственоста, што го прави нивното отстранување речиси невозможно.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира