НОВИОТ ЗИМСКИ БАЗЕН ВО ШТИП ЌЕ СЕ ОТВОРИ НА 29 ДЕКЕМВРИ, ВГОДИНА ЌЕ СЕ ГРАДИ И САЛА ЗА БОРЕЧКИ СПОРТОВИ

    НОВИОТ ЗИМСКИ БАЗЕН ВО ШТИП ЌЕ СЕ ОТВОРИ НА 29 ДЕКЕМВРИ, ВГОДИНА ЌЕ СЕ ГРАДИ И САЛА ЗА БОРЕЧКИ СПОРТОВИБазенот во почетокот ќе работи бесплатно за сите, а подоцна ќе се воспостават правила за користење на објектот, вели градоначалникот Јорданов. (Фото: СДК.МК)

    Новоизградениот зимски базен во Штип ќе биде пуштен во употреба на 29 декември. Објектот се наоѓа во непосредна близина на новиот „Дино парк“ и спортско-рекреативните центри „Суитлак“ и „Бриони“. Првите капачи во зимскиот базен ќе бидат ученици од неколку основни училишта во градот, по што следува и професионална промоција на пливањето од членовите на пливачките клубови.

    Зимскиот базен имаше јавна презентација кон крајот на септември годинава, на која присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Сепак, објектот не беше ставен веднаш во функција поради неизвршен технички прием. Како што беше кажано, станува збор за сложен и значаен проект кој бара прецизно и безбедно функционирање на системите за вода, нејзино прочистување и целокупна сигурност на капачите.

    „Зимскиот базен ќе има вработени кои ќе се грижат за неговата функционалност, која мора да биде на највисоко ниво. Во почетокот ќе работи со отворени врати, односно бесплатно за сите заинтересирани љубители на пливањето. Подоцна, со оглед на очекуваниот голем интерес не само од професионалните пливачи туку и од рекреативците, ќе се воспостават правила за користење на објектот“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

    Тој најави дека во новата година ќе започне и реализацијата на нов значаен проект, изградба на спортска сала за боречки спортови, за кои Штип важи како колевка во Македонија. Според плановите, салата ќе се гради во населбата „8 Ноември“, во близина на ОУ „Тошо Арсов“, на простор со слободна површина. Новиот спортски објект ќе биде дел од рекреативниот комплекс „Еко парк“, кој се простира на неколку десетици хектари покрај реката Брегалница и е во завршна фаза на изградба. Во овој дел од градот се наоѓа и пешачката патека долга 12 километри, изградена пред повеќе од една деценија.

    „Во 2026 година се планирани и други нови проекти, но најважно е што ќе ги завршиме сите започнати. Ќе се комплетира новата обиколница на влезот во Штип од правец на Скопје и Кочани, со изградба на нов мост на реката Брегалница во близина на бањата ‘Кежовица’. Овој проект е дел од владината поддршка за локалните самоуправи“, рече Јорданов.

    Паралелно со тоа, ќе заврши и изградбата на спортскиот центар „Џексон“, наменет за мали спортови, кој се наоѓа во центарот на градот кај Народниот театар. Објектот добива целосно нова конструкција и затворен покрив, со што значително ќе се подобрат условите за спорт и рекреација во Штип.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира