Дел од превозниците не се придржуваат до договорените обврски во општинскиот линиски превоз во однос на саатница и број на возила. Некои, иако пријавиле одредени локации, биле затекнати дека не возат дотаму. Откако надлежната комисија им направила записник, извесен период го почитувале правилникот, но се појавувал друг транспортер кој грешел. Потребни се три записници во еден месец за ист прекршок за Општината да го раскине договорот, беше кажано на Комисијата за јавни и комунални дејности при Советот на Општина Битола.
„Ваков башибозук досега немам слушнато. Ние да толерираме свесно некој да го прекршува правилникот. Мој предлог е да се раскинува договорот со еден записник, а што после, ќе си одлучи Општината – можеби ќе си набават автобуси, па ќе профункционира јавното претпријатие. Вака им дозволуваме да си играат мајтап со граѓаните. Ние треба да бидеме сервис на граѓаните, а не да ги штитиме превозниците. Па, нека се знае дека Општина Битола, град на конзули, клавири, угледни луѓе, нема јавен превоз“, рече Димитар Кузмановски, советник од ЛДП.
На неговиот предлог со еден записник да се раскинуваат договорите за линиски превоз, од петчлената комисија двајца гласаа „за“, а тројца „против“.
„Кога ќе направиме записник ќе почнат да возат. Но, ако им го раскинеме договорот, ќе нема кој да вози. Во текот на изминатите години сме се соочиле со ситуации превозниците да ни ги откажуваат линиите“, рече Марјана Спасевска, раководителка на Одделението за комунални дејности при Општина Битола.
Дел од превозниците велат дека ги исполнуваат обврските најефикасно што можат, користејќи ги комплетно своите ресурси, во услови на зголемени цени за горивото и неисплатливост на одредени линии.
Јавниот превоз во Битола го спроведуваат приватни превозници, а Општината пред четири години има основано Меѓуопштинско јавно претпријатие „Пелалинк“ за линиски патен транспорт на патници. Општината предлага на денешната седница од Буџетот за 2026 година претпријатието да се субвенционира со три милиони денари за оперативни и други тековни расходи. Работата на „Пелалинк“ досега овозможува бесплатен превоз на учениците во основното и средното образование во Битола, Могила и Новаци, на оние линии за кои не се склучуваат договори со други оператори.
„Тоа (ефикасен јавен превоз) не е само барање на младите, туку на сите граѓани и е дел од изнесените иницијативи на речиси сите партии во предизборните програми. Ние сме силно фокусирани, еден од приоритетите на оваа локална самоуправа е токму тоа. Очекуваме во 2026 година да се обнови возниот парк на ‘Пелалинк’ со нови автобуси и да го воспоставиме градскиот сообраќај ефикасно, да им овозможиме на граѓаните често да го користат и навиката која ја имаат во Битола – секој со својот автомобил да слезе во центарот, иако е на 300 метри, да ја сведеме на минимум“, рече градоначалникот Тони Коњановски на панел-дискусија на која еден од предлозите на младите беше квалитетен јавен превоз.
Деновиве, во склоп на празничната атмосфера, а во рамки на манифестацијата „Зимска приказна“ која ја организира Општина Битола, во сообраќај е пуштен празничен автобус за подвижна забава. Тој сообраќа од 26 до 30 декември и има диџеј сетови за патници кои сакаат електронска музика. Маршрутата е по вообичаените автобуски постојки, времетраењето е од 21 до 23 часот, а возењето е бесплатно.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



