СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКИ СОВЕТ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ВОВЕДУВААТ ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА ОДГОВОРНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТ

    СОБРАНИЕТО ГО ИЗГЛАСА ЗАКОНОТ ЗА СУДСКИ СОВЕТ, ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ПРАВДА ВЕЛАТ ДЕКА СЕ ВОВЕДУВААТ ПОСТРОГИ ПРАВИЛА ЗА ОДГОВОРНОСТ И ТРАНСПАРЕНТНОСТСпоред соопштението, една од клучните новини во законот е обезбедувањето јавност во постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет. (архивска фотографија)

    Собранието го усвои новиот Закон за Судски совет со 73 гласови „за“ и еден „воздржан“, соопшти Министерството за правда. Според ресорното министерство, ова законско решение ја поставува основата за воспоставување силен, независен и транспарентен Судски совет, со примарна цел зајакнување на довербата на граѓаните во домашниот правосуден систем.

    Според соопштението, една од клучните новини во законот е обезбедувањето јавност во постапката за разрешување на претседателот на Советот, како и попрецизно дефинирање на критериумите потребни за избор на членови од редот на „истакнатите правници“. За да се постигне повисоко ниво на транспарентност, предвидено е организирање јавни расправи при изборот на кандидати за несудски членови во ова тело. Истовремено, законот значително ги зајакнува критериумите за избор, одговорност и разрешување и за членовите кои доаѓаат директно од редот на судиите.

    Од Министерството за правда велат дека новото законско решение воспоставува јасни правила за дисциплинска одговорност на судиите и членовите на Советот, кои во иднина ќе имаат законска обврска да подготвуваат детално образложени одлуки при секој избор или при утврдување одговорност. Дополнително, во согласност со препораките на Европската Унија, прецизирани се роковите за преземање на сите процесни дејствија и е јасно дефинирана постапката за поднесување жалби против одлуките на Советот.

    Од Министерството за правда додаваат дека со спроведувањето на овие реформи, Судскиот совет треба да прерасне во силен гарант за владеењето на правото во државата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира