ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ДОБИ КАВАДАРЧАНЕЦОТ КОЈ ГО УБИ БРАТА СИ И ГО ЗАКОПА ВО КУЌНИОТ ДВОР ЗА ДА ГО СОКРИЕ УБИСТВОТО

    ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР ДОБИ КАВАДАРЧАНЕЦОТ КОЈ ГО УБИ БРАТА СИ И ГО ЗАКОПА ВО КУЌНИОТ ДВОР ЗА ДА ГО СОКРИЕ УБИСТВОТОДоживотен затвор е максималната казна за ова кривично дело, а осудениот останува во притвор до правосилноста. (Фото: СДК.МК)

    Кавадарчанецот С. И. (43) е осуден на доживотна казна затвор за убиство на својот помлад брат, извршено на денот на роденденот на жртвата, соопшти Основниот суд во Кавадарци. Обвинетиот го признал делото, по што Кривичниот совет го огласил за виновен и му ја изрекол најтешката законски предвидена казна – доживотен затвор. Тој останува во притвор сè до започнувањето на издржувањето на затворската казна. Против пресудата има право на жалба.

    С. И. е осуден за кривично дело Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, кое се однесува на лишување од живот на друго лице од користољубие, безобѕирна одмазда или од други ниски побуди, за што е предвидена максимална казна доживотен затвор.

    Според обвинението, на 27 јули годинава, од користољубие, обвинетиот го лишил од живот својот помлад брат И. И. (42), со кого живеел во иста куќа. На денот на роденденот на жртвата, двајцата браќа влегле во вербална расправија, откако обвинетиот се посомневал дека брат му има намера да го преземе целиот имот. Поттикнат од гнев и омраза, С. И. го удрил братот по главата со тапиот метален дел од тесла. Откако оштетениот паднал на подот, обвинетиот му задал уште два удари со истото орудие, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди. Потоа го напуштил местото на настанот, а следниот ден повторно се вратил во домот на жртвата и телото го префрлил во бањата.

    Во наредните денови, обвинетиот во повеќе наврати се враќал со цел да го прикрие делото, ја чистел крвта од подот и од предметите, по што телото го пренел во шупа во дворот, го закопал во ископан ров и го покрил со шперплоча и други предмети. Во периодот од 30 јули до 5 август, кога телото било откриено, тој во повеќе наврати подигал пари користејќи ја банкарската картичка на жртвата.

    Исчезнувањето на И. И. во кавадаречката полиција го пријавила неговата сестра, откако неколку дена безуспешно се обидувала да стапи во контакт со него. Истот ден, таа и нејзиниот сопруг, во помошен објект во дворот од семејната куќа, забележале ископ покриен со растресита земја, по што се посомневале дека исчезнатиот е закопан таму.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира