МНТ ГО ПРОСЛАВИ 80-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ СО ЛЕГЕНДИТЕ КОИ ГО СОЗДАВАЛЕ ТЕАТАРОТ

    МНТ ГО ПРОСЛАВИ 80-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ СО ЛЕГЕНДИТЕ КОИ ГО СОЗДАВАЛЕ ТЕАТАРОТАплауз за целата екипа на претставата „Сонцето, колку е блиску сонцето“. (Фото: Кабинет на претседателката на Македонија)

    Театарските легенди кои го создавале и обликувале Македонскиот народен театар (МНТ) оживеаја во мултимедијалната претстава „Сонцето, колку е блиску сонцето – Made in MNT“ во режија на Дејан Пројковски, со која синоќа МНТ го прослави 80-годишното постоење.

    Насловот „Сонцето, колку е блиску сонцето“ е преземен од првата изговорена реплика на сцената на МНТ со која на 3 април 1945 почнува работата на театарот. Tогаш, актерката Вера Вучкова која имаше неполни 20 години, во улогата на Валја ја изговори оваа прва реплика од првата претстава на МНТ, „Платон Кречет“ во режија на Димитар Ќостаров.

    Весна Петрушевска како Госпоѓа министерка во тандем со Илина Чонкова, во истата улога која ја играше легендарната Мери Бошкова. (Фото: К. Галевски)

    Од Сомнителното лице на Петре Прличко, Госпоѓата министерка на Мери Бошкова, „Сердарот“, „Болен Дојчин“, „Силјан Штркот“, ликовите од драмите на Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Ташко Георгиевски, Васил Иљоски,  Горан Стефановски, Дејан Дуковски, звукот на „Тешкото“, сѐ до Осман и Цвета од „Македонска крвава свадба“,  претставата која траеше безмалку 3 часа, беше аудиовизуелно патување низ архетипски слики кои се дел од нашата колективна меморија.

    Во драматуршката структура користени се материјали од Григор Прличев, Војдан Чернодрински, Ташко Георгиевски, Ристо Крле, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, Блаже Конески, Јордан Плевнеш, Петре. М. Андреевски, Коста Рацин, Браќа Миладиновци, Никола Јонков Вапцаров, Коле Неделковски, Васил Иљоски, Гане Тодоровски, Марко Цепенков, Живко Чинго, Коле Чашуле и Крсте Петков Мисирков. Во сцените кои ја раскажуваат историјата на МНТ користени се и текстови од Бранислав Нушиќ, Исак Бабељ, Н.В. Гогољ, Гордан Михиќ и Александар Корнејчук.

    Дарја Ризова и Александар Микиќ како Цвета и Осман во сцена од „Балканот не е мртов“ на Дејан Дуковски. (Фото: К. Галевски)

    Учествуваа 60 актери, 40-ина од ансамблот на МНТ, како и студенти по актерска игра, актери од други театри, оперски пејачи и деца од драмски студија. Петмина музичари меѓу кои Горан Трајкоски и Сашко Костов изведуваа музика во живо, а вчепатлививите теарски слики беа збогатени со  3-Д мапинг, кореографија, анимации.

    Актерот Емил Рубен меѓу гостите. (Фото: К. Попов)

    Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимите се на Марија Пупучевска, сценските движења се на Олга Панго, а З-Д мапингот на Сергеј Светозарев.

    Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска меѓу гостите. (Фото: К. Попов)

    Следните две изведби се на 15 и 16 јануари.

    Министерот за информатичко општество Стефан Андоновски. (Фото: К. Попов)

    Директорот на МНТ, Никола Кимовски со селекторката на МТФ „Војдан Чернодрински“ Ана Стојаноска и костимографката Розе Трајческа. (Фото: К. Попов)

    Сцена од претставата. (Фото: К. Галевски)

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира