Основниот кривичен суд Скопје ќе закаже термин за почеток на големото судење против струмичкиот бизнисмен Ристо Крмзов и уште 6 обвинети од злосторничката група, со која тој, според обвинението кое е одобрено, 5 години влечеле милиони евра од Управата за јавни приходи (УЈП), прикажувајќи фиктивни суми промет.
Прва овој криминал го воочи ексдиректорката на УЈП Сања Лукаревска, а обвинителка од ОЈО за организиран криминал и корупција годинава го сработи овој многу сложен финансиски криминал во кој има и перење на незаконски стекнатите пари од повратот на ДДВ.
Кривичниот суд одобри всушност обвинителен акт против седум лица и обвинителен предлог против три физички и 13 правни лица, преку кои се врешен „прометот“ со лажни фактури.
Обвинителниот акт е против седум лица на чело со Крмзов, на кои им се става на товар дека сториле кривични дела Злосторничко здружување и Перење пари и други приноси од казниво дело, како и дека како соизвршители сториле продолжено кривично дело Даночна измама. Двајца од обвинетите, покрај наведените кривични дела, се обвинети и за продолжено кривично дело Даночно затајување.
Обвинителниот предлог се однесува против три физички лица (даночни инспектори од Струмица) за продолжено кривично дело Несовесно работење во службата, како и против 13 специјално оснивани фирми за продолжено кривично дело Даночна измама.
Според обвинението, истражната постапка утврдила дека на почетокот на 2019, на територијата на Македонија првообвинетиот Крмзов заедно со уште двајца обвинети, како сопственици и управители на обвинети правни лица, со намера да стекнат противправна имотна корист создале група со цел вршење на кривичните дела Даночно затајување, Даночна измама“и Перење пари и други приноси од казниво дело. На групата, како припадници, се приклучиле уште четворица обвинети, исто така во својство на сопственици и управители на обвинети фирми.
Злосторничкото здружение најпрвин имало за цел формирање на правни лица на кои припадниците биле формално назначувани за сопственици и управители, а не вистински газди. Целта била остварување право на поврат на ДДВ, што би им била оневозможена ако организаторите биле формални сопственици и управители.
Обвинетите, во име и за сметка на обвинетите правни лица, изготвувале и меѓусебно разменувале фактури со невистинита содржина, како поврзани лица за целите на ДДВ, спротивно на одредбите од Законот за данок на додадена вредност, Законот за данок на личен доход, Законот за данок на добивка и Законот за даночна постапка. Во фактурите внесувале податоци за наводно извршен промет на недвижности, за кој знаеле дека не бил извршен и дека за него не биле извршени плаќања преку банкарските сметки на правните субјекти.
„За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ. Обвинетите – овластени сметководители, како службени лица, пропуштајќи должен надзор, несовесно постапувале спротивно на Законот за сметководствени работи, Законот за трговски друштва, Законот за данок на додадена вредност и Меѓународните сметководствени стандарди. Постапувајќи по насоки на организаторите, тие ги евидентирале фиктивните фактури за наводни продажби на недвижности и истите ги прикажувале во даночните пријави за ДДВ поднесени до Управата за јавни приходи, со цел неосновано да се бара поврат на данок или да се намали даночната обврска на обвинетите правни лица. Со овие дејствија, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари (67.000.000 евра), по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот, при што била прибавена противправна имотна корист преку незаконски поврат на ДДВ и користење на институтот на даночни гаранти. Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари (22.000.000 евра)“, вели Обвинителството.
Средствата, за кои обвинетите знаеле дека потекнуваат од кривично дело, биле внесени во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло.
„Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали за изградба на станбени комплекси. Со износ од 457.785.310 денари (7.500.000 евра) биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица“, се вели во соопштението.
Заедно со обвинението, доставен е и предлог за одземање и конфискација на предмети, подвижен и недвижен имот што потекнува од кривично дело, а кој претходно со привремени мерки е замрзнат, како и предлог за продолжување на мерката притвор за првообвинетиот, односно укинување на мерката притвор и определување мерки на претпазливост за второобвинетиот.
Кривичната пријава против три лица осомничени за кривични дела Злосторничко здружување, Даночна измама и Перење пари и други приноси од казниво дело и против двајца осомничени за кривично дело Несовесно работење во службата е отфрлена бидејќи не постоело основано сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.
Воедно, списите што се однесуваат на постапувањето на даночните инспектори биле доставени на надлежно постапување на ОЈО Струмица.
С. К. ДЕЛЕВСКА



