Почина повреденото двегодишно дете кое беше тешко повредено од метален предмет во главата, за време на новогодишната ноќ. Тоа е дадено на обдукција, по што патолозите ќе ѝ кажат на истрагата од што е тој метален предмет залутан во главата на малото дете, за време на огнометот, неофицијално во Шуто Оризари.
Од направениот скен претходно, не можело да се види дали металното парче е од испукан куршум. Детето почина на Клиниката за детска хирургија во Скопје, каде лекарите се бореа да го спасат.
„Двегодишното детето беше примено на Ургентниот центар, а поради сериозноста на состојбата беше згрижено на Клиниката за неврохирургија, на одделот за интензивна нега, се интубираше, поставено на механичка вентилација, ординирана антибиотска и антиедематозна терапија, 24-часовен мониторинг. Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело“, соопшти Министерството за здравство.
Според кажувањето на мајката, тие заедно присуствувале дочекот со огномет.



