Американскиот претседател Доналд Трамп упати остро предупредување до иранските власти да не применуваат смртоносна сила врз мирните демонстранти, нагласувајќи дека Вашингтон е подготвен да интервенира.
„Подготвени сме. Ако Иран пука и насилно убива мирни демонстранти, што е нивен обичај, Соединетите Американски Држави ќе им дојдат напомош“, напиша Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушл“.
На оваа порака реагираше Али Лариџани, висок советник на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи, кој го предупреди Трамп да биде внимателен, бидејќи секое американско мешање би значело дестабилизација на целиот регион и уништување на американските интереси.
Тензиите меѓу двете земји се на високо ниво откако во јуни САД извршија напади врз ирански нуклеарни локации по наредба на Трамп, на што Иран возврати со ракетен напад врз американска воена база во Катар.
Во меѓувреме, протестите во Иран, кои почнаа во неделата поради влошената економска состојба и падот на вредноста на националната валута, се проширија во повеќе градови. Демонстрантите сега бараат крај на владеењето на Хамнеи, а во судирите со безбедносните сили во четвртокот, според извештаите, загинале најмалку шест лица. Иранските власти ветија дека ќе ги сослушаат „легитимните барања“, но обвинителството предупреди на одлучен одговор против секој обид за создавање нестабилност.
Ова се најмасовните протести во земјата по востанието во 2022 година, кое беше предизвикано од смртта на младата Махса Амини во полициски притвор.



