Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, ќе консултира експерти за тоа што ќе значи за Тумбе Кафе ако се направи пат од другата страна до таканаречениот Златен Рид. Таму пред 13 години, во време на ексградоначалникот Владимир Талески, беа продадени над 40 парцели, за кои сопствениците платија даноци и комуналии, а уште немаат инфраструктура. Тумбе Кафе е препознатлива зелена зона уште од турско време, но зад неа е дел од касарната каде се продаваа парцели за домување.
Парцелите беа продадени преку електронско наддавање во 2012, кога населбата што требаше да никне беше најавувана како елитна. Претходно, касарната беше отворена за граѓаните преку проектот „Старите касарни за нов развој“, кога Министерството за одбрана ја отстапи оваа површина на Општина Битола за брз локален економски развој. Тоа се случи кога министер за одбрана беше Зоран Коњановски, брат на сегашниот градоначалник.
Во дел од касарната, посебно во пониските делови, се изградија патишта и објекти, но во повисокиот Четврт 2 сопствениците не добија патишта, водовод, канализација и струја. Без овие основни услови, тие не можат да ги изградат своите објекти. Темата повторно се отвори на последната седница на битолскиот Совет.
„Комуналиите се платени, а таму не се изградени никакви улици и инфраструктура. Станува збор за сто семејства кои немаат никакви улици, а не, пак, паркинзи или други услови за градба“, кажа Софија Ристевска-Петрушева, советничка од СДСМ, за време на советничките прашања.
Градоначалникот Коњановски одговори дека доколку се направи инфраструктурата, можно е да се загрози Тумбе Кафе.
„Купени се над 40 парцели за изградба на хациенди. Можеби ќе треба да се консултира и експертската јавност што значи за еден рид како Тумбе Кафе да се направи таков проект на пристапен пат. Тоа е низа на серпентини со потпорни ѕидови од над и под 10 метри и што потоа ќе остане од тој рид. Ве уверувам, ништо“, рече Коњановски.
Од друга страна, додаде тој, граѓаните се во право зашто таму инвестирале и купиле плацеви.
„Треба да најдеме заеднички јазик, да видиме како тоа ќе го правиме. Тоа е тема која со години се провлекува и никој досега не се зафатил сериозно. Но, темата треба конечно да се отвори или да се затвори“, рече Коњановски.
Пред повеќе години, од касарната беа продадени 99 парцели. Локалната власт од продажбата на градежно земјиште во комплексот имаше наплатено над 150 милиони денари (2,5 милиони евра), а од надоместокот за уредување на градежното земјиште над 280 милиони денари (4,5 милиони евра).
Но, наместо да бидат искористени за средување на инфраструктурата во касарната, Талески голем дел од парите од продажбата ги пренамени за изградаба на инфраструктурата во индустриската зона „Жабени“. Подоцна беше земен кредит за изградба на улици, но тоа се направи само за АРМ Четврт 1, а Четврт 2 уште чека да дојде на ред.
Исто така, во меѓувреме имаше дискусии за тоа дека новата населба изеде дел од старото белодробно крило на Битола и го задуши градот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



