Такси-превозот во Штип од почетокот на оваа година се одвива според нов ценовник, усвоен од Советот на Општина Штип на последната седница кон крајот на минатата година.
Според новиот тарифник, стартната цена од 70 денари останува иста, но се укинува поволноста за првите два километри кои претходно беа вклучени во стартот. Со новата одлука на Советот, веднаш по стартот, за секој изминат километар ќе се наплаќа по 25 денари. Чекањето такси во траење од еден час ќе чини 300 денари.
За ноќно возење, во периодот од 22:00 до 05:00 часот, стартната цена изнесува 90 денари, плус 25 денари за секој нареден километар. За празници и недели, стартот ќе изнесува 100 денари, со истата цена од 25 денари по километар. За превоз кон другите градови и кон Скопје, цената е 70 денари за старт и 50 денари за секој изминат километар.
Новите цени уследија откако кон крајот на годината во такси-сообраќајот во Штип се вклучи нова компанија, која првично внесе повеќе од 30 такси-возила на електричен погон, а се планираат уште 20 такви автомобили. Покрај нив, во градот сообраќаат уште 200 такси-возила на нафтен погон, кои во текот на наредната недела ќе мора да обезбедат сертификат за баждарени фискални апарати, за што ќе треба да платат по 5.000 денари. Доколку возилата немаат одобрение за фискалните апарати, ќе бидат казнети и исклучени од сообраќај.
Т. ЈОВАНОВСКИ



