СПРЕМНИ СМЕ И ЗА ВОЈНА И ЗА ДИЈАЛОГ, КАЖА ИРАН ПО ЗАКАНИТЕ ОД ТРАМП

    СПРЕМНИ СМЕ И ЗА ВОЈНА И ЗА ДИЈАЛОГ, КАЖА ИРАН ПО ЗАКАНИТЕ ОД ТРАМПИран кажа дека ситуацијата во Иран е под целосна контрола откако насилствата на протестите се зголемиле викендов (Фото: АП)

    Иран кажа дека е спремен и за војна и за дијалог откако Доналд Трамп објави дека разгледува силни опции против Техеран среде најголемите протести во земјата во последните три години, во кои веќе загинале над 500 луѓе.

    „Иран не сака војна и нема прв да нападне. Ние сме спремни за војна, но и за дијалог“, изјави денеска министерот за надворешни работи Абас Аракчи.

    Тој додаде дека ситуацијата во Иран е под целосна контрола откако насилствата на протестите се зголемиле во текот на викендот.

    „Предупредувањето на Трамп за Техеран ги мотивираше терористите да ги таргетираат демонстрантите и безбедносните сили со цел да поттикнат странска интервенција“, кажа Аракчи.

    Извори од Израел кажаа дека земјата е во состојба на висока готовност поради можна американска интервенција.

    Трамп на самиот почеток на протестите пред две недели се закани дека САД би можеле да го нападнат Иран ако безбедносните сили пукаат кон демонстрантите. Активистичката организација ХРАНА со седиште во САД објави дека досега е потврдена смртта на 490 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили.

    „Иран сака да преговара. Би можеле да се сретнеме со нив. Средба е веќе закажана, но ние сепак би можеле да дејствуваме поради она што се случи досега. Иран се јави, тие сакаат да преговараат“, кажа Трамп.

    Тој утре треба да се сретне со своите најблиски советници за да разговараат за Иран. Покрај воена акција, можни опции против Иран се и употреба на тајни сајбероружја, проширување на санкциите и обезбедување онлајн помош за антивладини извори, објави „Вол стрит џурнал“.

    Протестите почнаа на 28 декември поради крахот на иранската валута и растечките економски проблеми и потоа се проширија во над 100 градови во сите 31 покраина. Иранските власти ги обвинија САД и Израел за поттикнување проблеми и повикаа на национален митинг за денеска „за да се осудат терористичките акции предводени од САД и Израел“.

    Во Иран и натаму нема интернет откако беше блокиран од владата минатата недела и Аракчи кажа дека ќе биде вратен во координација во безбедносните власти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира