ГЛУТНИЦА КУЧИЊА СО КОМБИЊА СЕ НОСАТ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ И СЕ ИСТОВАРААТ ВО СКОПЈЕ, ОД „ЛАЈКА“ БАРААТ МВР ДА СПРОВЕДЕ ИСТРАГА

    ГЛУТНИЦА КУЧИЊА СО КОМБИЊА СЕ НОСАТ ОД ДРУГИ ГРАДОВИ И СЕ ИСТОВАРААТ ВО СКОПЈЕ, ОД „ЛАЈКА“ БАРААТ МВР ДА СПРОВЕДЕ ИСТРАГАГлутница кучиња спроти „Сити мол“, за кои се претпоставува дека се донесени од друг град. (Фото: Фејсбук)

    Со комбиња се носат кучиња од други градови и општини околу Скопје и се истовараат во скопските населбите, велат од ЈП „Лајка“. Викендов, во скопски Карпош беше донесена глутница од над 20 кучиња, кои не се чипирани и стерилизирани, па затоа од јавното претпријатие претпоставуваат дека се донесени од други градови. Од „Лајка“ велат дека досега се заловени 19 кучиња, но екипите и денеска работат за да ги разбијат глутниците и да ги чипираат кучињата.

    „Факт е дека се носат кучиња од други градови, но исто така се поставува прашањето што се прави со кучињата од околните скопски општини како Илинден, Зелениково, Петровец. Денеска ќе поднесеме пријава до Министерството за внатрешни работи, за да се преземат посериозни контроли и да се увиди кој и од каде носи кучиња. Ние веќе не можеме да постигнеме, немаме место да ги згрижиме сите кучиња кои се носат од некаде“, вели Радмила Пешева директорка на ЈП „Лајка“.

    Таа вели дека е потребна национална стратегија за решавање на овој проблем бидејќи џабе во Скопје има воспоставен систем кога во другите општини нема и поради тоа ни се случува постојано по улиците да има глутници кучиња скитници.

    Од здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ денеска, исто така, побараа темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во Скопје, појава што, како што велат, директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и самото владеење на правото.

    „Во општина Карпош во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња – животни кои се целосно непознати за локалното население, кои не се дел од постоечката улична популација и кои се појавија буквално преку ноќ. Станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација. Јавно и одговорно тврдиме дека станува збор за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП ‘Лајка‘ нема оставено, ниту пак има испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје. Дополнително, нашето здружение на терен пронајде кучиња со ушни маркици од Република Албанија, на улица во Скопје, факт кој отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање на животни. Бараме целосна проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност“, велат од ЈП „Лајка“.

    А. АНТЕВСКА

    Можеби ќе ве интересира и ова:

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира