ЦЕЛТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ НЕ Е ДА КАЗНУВА, ЦЕЛА ГОДИНА ЌЕ ЈА ПОСВЕТИМЕ НА ЕДУКАЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ АЛИУ

    ЦЕЛТА НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА ОД ПУШЕЊЕ НЕ Е ДА КАЗНУВА, ЦЕЛА ГОДИНА ЌЕ ЈА ПОСВЕТИМЕ НА ЕДУКАЦИЈА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ АЛИУМинистерот потенцира оти е многу важно, што освен забрана за пушење во јавни институции, на јавен простор, законот предвидува и забрана за промоција на таков тип производи, кои во последно време се промовираат дека се модерни. (Фото: К. Попов)

    Предлог-законот за заштита од пушењето, кој се очекува да стапи во сила на 1 март, не е рестриктивен, тој е европски. Станува збор за воспоставување европски стандарди за заштита на здравјето. Намерата на законот не е казнување, туку превенција, јавно здравје и заштита на најранливите категории граѓани, вели министерот за здравство Азир Алиу.

    Министерството за здравство соопшти дека предлог-законот за заштита од пушење е објавен на електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде сите заинтересирани граѓани и организации можат да учествуваат во јавната расправа пред неговото усвојување.

    Целта на новите законски измени е воспоставување контрола врз појавата и ширењето на новите тутунски и никотински производи, особено нивната агресивна промоција и лесна достапност. Истовремено, се воведува целосна забрана за рекламирање, промоција и спонзорство, се ограничуваат продажбата и изложувањето на тутунски и никотински производи, како превентивни мерки за поддршка на откажувањето од зависноста, и конечно, се зајакнува забраната за пушење во јавни и работни простории.

    Во моментот, како што рече, Министерството за здравство уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употреба на тутунот и другите никотински производи, како и изложеноста на тутунски чад во животната средина.

    „Тоа ни е важен момент за да може да се уреди. Исто така, предлог-законот е усогласен со меѓународните стандарди и целта на законот е унапредување на јавното здравје. Усогласен е со глобалните јавноздравствени политики што ги имаме потпишано како држава и во рамките на таа конвенција за контрола на тутунот, која е потпишана. Законот не е рестриктивен, тој е европски. Европските стандарди за заштита на здравјето се воспоставени во овој закон. Преку податоците штои ги добивме од Светската здравствена организација, над 45 проценти од возрасната популација пуши, што ја става нашата земја меѓу земјите со највисока стапка во Европа според начинот на користење цигари или некаков вид тутунски производи“, рече Алиу.

    Министерот потенцира оти е многу важно, што освен забрана за пушење во јавни институции, на јавен простор, законот предвидува и забрана за промоција на таков тип производи, кои во последно време се промовираат дека се модерни.

    „Анализа е направена за дигиталниот простор и каков тип на пристап користат компаниите што произведуваат ваков тип на производи. Исто така, законот предвидува рестрикции во дигиталниот простор за да не може да се промовираат такви штетни производи за нашето население“, кажа тој.

    Тој смета дека со донесувањето на законот за заштита од пушење ќе се придонесе за намалување на бројот на пушачи во државава и за намалување на трошоците за лекување на заболувања предизвикани од пушењето.

    „Затоа паралелно со овој закон правиме цела програма за едукација и информации за штетноста и заболувањата кои се поврзуваат со пушењето. И цела 2026 година ќе биде поврзана со имплементација на законот и едукација и информации, особено за младите во нашата држава“, рече Алиу.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира