Гевгелиското јавно обвинителство отвори истражна постапка за лицето од Богданци кое завчера ја уби мајка си во станот во којшто живееле. Убиството се случи на 11 јануари околу 21 часот, кога меѓу синот и мајката имало расправија која брзо преминала во физичка пресметка, при што 39-годишниот П. С. ѝ нанел повеќе убодни рани на 58-годишната М. С. од Богданци.
„Во станот во Богданци каде што живееле под закуп, мајката и синот започнале расправија околу лекувањето на осомничениот. Во еден момент, тој зел нож од кујната со кој ѝ нанел повеќе убоди на мајката во главата и вратот. Бидејќи ножот се скршил, зел ножици и со нив продолжил да ѝ задава убоди, па откако и тие се свиткале од кујната зел друг нож за сечење зеленчук со шилест дел со кој ја прободел во вратот. Од бројните убоди жената искрварела и починала“, соопшти Обвинителство.
Осомничениот, кој ќе одговара за кривично дело Убиство, вчера сам се пријавил во полицијата, а по барање на Обивнителство му е определена мерка притвор за да не избега или пак влијае на сведоците во текот на кривичната постапка.
В. ТРАЈКОВ



