АДВОКАТКАТА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НАТАША БОШКОВА, ДЕКАНОТ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ САШО ГЕОРГИЕВСКИ И СКОПСКИОТ АДВОКАТ ЈОРДАН АПОСТОЛСКИ, ВО ТРКА ЗА МАКЕДОНСКИ СУДИЈА ВО СТРАЗБУР

    АДВОКАТКАТА ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НАТАША БОШКОВА, ДЕКАНОТ НА ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ САШО ГЕОРГИЕВСКИ И СКОПСКИОТ АДВОКАТ ЈОРДАН АПОСТОЛСКИ, ВО ТРКА ЗА МАКЕДОНСКИ СУДИЈА ВО СТРАЗБУРБошкова ги добива случаите пред Стазбур за човекови права и маргинализирани групи и поединци, поради кои Македонија менува закони и плаќа отштети. (Фото: СДК.МК)

    Деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Унивезитетот „Свети Кирил и Методи“ (УКИМ) Сашо Георгиевски, адвокатката Наташа Бошкова која добила бројни тужби од областа на човековите права пред Судот во Стразбур, како и адвокатот Јордан Апостолски од Скопје, се тројцата кандидати за македонски судија во Европскиот суд за човекови права и слободи (ЕСЧПС), кои одат на мислење во Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа.

    „Владата на денешната 141 седница беше информирана за текот на постапката за номинирање кандидати за позицијата судија во Европскиот суд за човекови права. Во таа насока, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презентираше Информацијата за реализираните активности, согласно известувањето доставено од Комисијата за избор на кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права, со кое се информира за предлогот на Комисијата за избор на тројца кандидати: Јордан Апостолски, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски“, кажа денеска Генералниот секретаријат на Владата.

    По разгледувањето на овие три предлози од Комисијата, Владата ја усвоила Информацијата, по што Министерството за надворешни работи и надворешна трговија како надлежна институција задолжена за спроведување на административните и техничките активности во постапката, ќе продолжи со обезбедување мислење од Меѓународниот советодавен панел на експерти при Советот на Европа, во однос на исполнувањето на пропишаните критериуми од страна на предложените кандидати.

    „По добивањето на мислењето од Меѓународниот советодавен панел, Комисијата ќе ја достави листата со тројца кандидати до Владата, по што конечната листа ќе биде проследена до Парламентарното собрание на Советот на Европа“, вели Секретаријатот на Владата.

    До изборот на нов судија во Стразбур, функцијата продолжува да ја врши обвинителот Јован Илиевски, кој беше назначен во време додека баџанакот Сашо Мијалков беше директор на УБК, иако на Илиевски му истече мандатот.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира