НЕ САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ДЕЛ ОД САД, ЈА ИЗБИРАМЕ ДАНСКА ПРЕД САД, КАЖА ПРЕМИЕРОТ НА ГРЕНЛАНД

    НЕ САКАМЕ ДА БИДЕМЕ ДЕЛ ОД САД, ЈА ИЗБИРАМЕ ДАНСКА ПРЕД САД, КАЖА ПРЕМИЕРОТ НА ГРЕНЛАНДЈенс-Фредерик Нилсен одржа прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен пред средбата на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со Марко Рубио и Џеј-Ди Венс (Фото: АФП)

    Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, порача дека неговиот народ би ја избрал Данска пред САД доколку сега би требало да избере. Ова се најсилните забелешки на Нилсен откако Доналд Трамп ги обнови своите амбиции за анексија на полуавтономната данска територија.

    Се соочуваме со геополитичка криза, но нашиот став е јасен. Ако треба да избереме помеѓу САД и Данска тука и сега, ја избираме Данска. Едно нешто мора да им биде јасно на сите. Гренланд не сака да биде во сопственост на САД. Гренланд не сака да биде управуван од САД. Гренланд не сака да биде дел од САД“, кажа Нилсен.

    Трамп тврди дека САД мора да го поседуваат Гренланд за да може да се брани од Русија и Кина. Белата куќа размислува да достави понуда за купување на Гренланд, но не ја исклучува и употребата на сила за да го преземе.

    Нилсен одржа заедничка прес-конференција со данската премиерка Мете Фредериксен пред средбата на министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со Марко Рубио и Џеј-Ди Венс во Белата куќа. Фредериксен кажа дека американско преземање на Гренланд би можело да значи крај на НАТО.

    Иако е најретко населена територија, локацијата на Гренланд меѓу Северна Америка и Арктикот го прави погоден за поставување системи за рано предупредување на ракетни напади и за следење на бродовите во регионот. Трамп постојано повторува дека Гренланд е од витално значење за националната безбедност на САД.

    Повеќе од 100 американски воени лица се трајно стационирани во базата Питуфик, а според постојните договори со Данска, САД можат да донесат колку што сакаат војници на Гренланд. Минатата недела, Трамп кажа дека тој договор не е доволно добар и дека САД мора да го поседуваат Гренланд, што НАТО ќе го разбере.

    Го осудувам целосно неприфатливиот притисок од нашиот најблизок сојузник. Постојат многу индикации дека најпредизвикувачкиот дел е пред нас“, рече Фредериксен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира