Доналд Трамп се закани дека САД ќе преземат многу силна акција ако Иран почне да егзекутира демонстранти. Ова следува откако роднини на 26-годишниот Ерфан Солтани, кој бил приведен минатата недела, изјавија дека тој ќе биде погубен денеска.
Претставник на организацијата за човекови права Хенгав кажа дека никогаш не виделе толку брзо да се реши еден случај.
„Ако ги бесат, ќе видите некои работи. Ќе преземеме многу силна акција ако направат такво нешто“, рече Трамп.
Роднина на Солтани кажа дека иранскиот суд изрекол смртна казна во многу брз процес, за само два дена.
Ирански функционер изјави дека на протестите загинале околу 2.000 луѓе, за што обвини неименувани терористи, додека активистичката организација ХРАНА објави дека се убиени најмалку 2.403 демонстранти и речиси 150 припадници на безбедносните сили.
„Бројот на убиени изгледа голем, но засега немаме потврда за тоа. Кога ќе ги добиеме бројките, тогаш ќе дејствуваме“, кажа Трамп, кој уште на самиот почеток на протестите вети дека САД ќе интервенираат ако Иран убива демонстранти.
Тој вчера ги повика Иранците да продолжат да протестираат, велејќи дека помошта доаѓа, без да појасни што значи тоа. Иранската влада ги обвини САД дека бараат изговор за воена интервенција, велејќи дека такви сценарија не успевале во минатото.
Протестите во Иран почнаа на 28 декември поради растечките економски проблеми и оттогаш се проширија во 180 градови во сите 31 покраина, станувајќи најголемиот предизвик за верските власти во последните три години. Иранскиот јавен обвинител предупреди дека сите кои протестираат ќе се сметаат за „непријатели на Бога“, за што може да се добие смртна казна. Од ХРАНА кажаа дека досега се уапсени повеќе од 18.400 луѓе.



