Доналд Трамп кажа дека Украина, а не Русија кочи можен мировен договор, наспроти европските сојузници на Киев, кои сметаат дека Владимир Путин не е многу заинтересиран за завршување на војната. Тој вели дека Путин е спремен да стави крај на речиси четиригодишната војна, но Володимир Зеленски бил повоздржан.
„Мислам дека Путин е спремен да склучи договор. Мислам дека Украина е помалку спремна“, рече Трамп, додавајќи дека Зеленски е виновен што преговорите предводени од САД досега не ја решија војната.
Трамп и во минатото изразуваше фрустрираност од Зеленски и на моменти беше посклон кон барањата на Путин, за што беше критикуван од Киев, европските сојузници, па дури и од некои републикански конгресмени.
Во последно време, преговорите се фокусираа на обезбедување безбедносни гаранции за Украина, која беше притискана да се откаже од целиот регион Донбас. Трамп најави дека би можел да се сретне со Зеленски следната недела на Светскиот економски форум во Давос.



