Соединетите Американски Држави привремено ги ставија на пауза постапките за издавање иселенички визи, но тоа не влијае врз другите категории за студенти, стопанственици и туристи, изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
По средбата со раководството на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Муцунски одговараше на новинарски прашања за одлуката на Стејт департментот за привремено замрзнување на процесот за издавање имигрантски визи за 75 земји, меѓу кои е и Македонија. Тој вели дека станува збор за пауза која се однесува исклучиво на иселеничките визи, а не за каков било прекин на соработката или ставање на државата на негативни листи.
„Оставете малку на времето, оставете на нашата комуникација и фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер. Во следниот период, можеби во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава односно да почнеме да затвораме прашања кои 20 години се обидувавме да ги затвориме. Проактивни сме и работиме на решение. Граѓаните не треба да се грижат“, рече Муцунски.



