Град Скопје годинава како мерка за заштита на животната средина ќе доделува субвенции за инвертери, велосипеди и за чистење оџаци. Во програмата за заштита на животната средина предвидени се субвенции од 20.000 денари за промена на начинот на греење, односно за набавка на инвертер клими. Во буџетот за 2026 година за оваа мерка се предвидени четири милиони денари, што значи дека субвенции ќе има за 200 домаќинства.
За купување велосипед се утврдува максимален износ од 5.000 денари по лице. Во буџетот за оваа мерка се предвидени два милиона денари, што значи дека ќе има пари за 400 граѓани.
Град Скопје со по 1.500 денари ќе го субвенционира чистењето оџаци на домаќинствата и други субјекти. За оваа мерка обезбедени се 200.000 денари.
Огласите за субвенционирање уште не се објавени.
Буџетот за животна средина на Град Скопје за 2026 година е 45 милиони денари. Покрај за субвенции, пари се предвидени за одржување и сервисирање на аирпоентер (еден милион денари), мерки за намалување на загадувањето на амбиентниот воздух (10.000.000 денари) и за изработка на план за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух (4.500.000 денари). Во буџетот се предвидени и 4.500.000 денари за субвенционирање на јавниот превоз во денови на алармантно загадување на воздухот.
А. АНТЕВСКА



