ШПАНСКИТЕ ВЛАСТИ НЕМААТ ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА ВО КОЈА ЗАГИНАА 39 ЛУЃЕ, ИЗЛЕТАНИОТ ВОЗ БИЛ НОВ, А ПРУГАТА РЕНОВИРАНА

    ШПАНСКИТЕ ВЛАСТИ НЕМААТ ОБЈАСНУВАЊЕ ЗА ЖЕЛЕЗНИЧКАТА НЕСРЕЌА ВО КОЈА ЗАГИНАА 39 ЛУЃЕ, ИЗЛЕТАНИОТ ВОЗ БИЛ НОВ, А ПРУГАТА РЕНОВИРАНАВагоните од возот што патуваше за Мадрид излетаа од шините и преминаа на соседната пруга (Фото: АП)

    Прекумерна брзина или човечка грешка не е причината за железничката несреќа во Шпанија, во која загинаа најмалку 39 луѓе, објави фирмата „Ренфе“, која управува со еден од возовите вклучени во несреќата во близина на Кордоба.

    Човечка грешка е практично исклучена бидејќи дури и да била направена грешка, системот во возот би ја поправил. Исто така, двата воза се движеле под максималната брзина од 250 километри на час кога се случила несреќата. Таа се случи на прав дел од пругата, а не на кривина“, изјави претседателот на „Ренфе“, Алваро Фернандес Хередија.

    Тој додаде дека поверојатна причина за несреќата е механички квар или инфраструктурен проблем.

    Шпанското министерство за здравство објави дека 43-ца повредени се во болница, од кои четири деца. Тринаесетмина се на интензивна нега.

    Министерот за транспорт Оскар Пуенте ја опиша несреќата како многу чудна.

    Несреќата се случи на прав дел од пругата, што била целосно реновирана минатиот мај по големи инвестиции. Првиот воз што излета од шините исто така бил практично нов. Ова ја прави несреќата исклучително чудна и многу тешка за објаснување. Железничките експерти се многу изненадени од оваа несреќа. Ќе биде потребен најмалку еден месец за да се објават резултатите од истрагата“, кажа Пуенте.

    Вагоните од возот што патуваше за Мадрид излетаа од шините и преминаа на соседната пруга, при што се судрија со друг воз. Во двата воза имало вкупно 400 патници и членови на екипажот. Несреќата се случила десет минути откако возот ја напуштил станицата во Малага.

    Компанијата „Ирјо“, која управува со возот што прв излета, вели дека локомотивата била проверена пред само четири дена.

    „Возот е изграден во 2022 година, така што е релативно нов. Излетувањето се случи од сè уште непознати причини“, вели компанијата.

    Претседателот на регионалната влада на Андалузија, Хуанма Морено, кажа дека бројот на жртви веројатно ќе се зголеми.

    Ќе биде потребна тешка механизација за да се кренат трите вагони од возот во кој удри возот што излета од шините. Тие го претрпеле најлошиот дел од оваа несреќа“, рече Морено.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира