На 22 јануари во 19 часот во галеријата на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Сули ан ќе има изложба на фотографии и проекција на документарен филм кои беа реализирани во рамките на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија: визии за иднината”, во соработка со Гете Институтот во Скопје и поддршка на Универзалната сала.
Како дел од проектот беа реализирани пет работилници по видео, фотографија, историја, книжевност и архитектура во кои учествуваа повеќе од 25 студенти од различни факултети во Скопје, работејќи со реномирани меѓународни и домашни артисти, режисери и професори.
Проектот, како што го најавија во септември, германската амбасадорка Петра Дрекслер и францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, е заснован на меѓукултурен и меѓугенерациски дијалог, а целта е стимулирање на креативноста кај младите, промовирање на историското наследство на Скопската чаршија и предлог креативни решенија за сочувување на културното наследство во иднина.
На работилниците учествуваа студенти од Факултетот за ликовна уметност, од Катедрата за француски јазик на Филолошкиот факултет, од Архитектонскиот фаултет и од Катедрата за историја на Филозофскиот факултет.
Изложбата на 22 јануари во чест на одбележувањето на Елисејскиот договор, ја организираат Францускиот институт во Скопје во соработка со Гете Институтот, а ќе се претстават фотографии реализирани од студентите што учествуваа во работилницата со реномираниот германски фотограф Хајнрих Холтгреве.
Фотографиите претставуваат спој на старите и нови градби, обичаи и начини на живеење во Старата скопска чаршија, откривајќи ги нејзините мултикултурни аспекти, лица, споменици и сокаци.
Во рамките на настанот ќе биде прикажан краткиот документарен филм на француската режисерка Леонор Мерсие и студентите од Факултетот за драмски уметности, кој ги истражува културните белези и меѓукултурниот и меѓугенерациски дијалог во стариот град. Филмот прикажува сцени од дневниот живот во Старата скопска чаршија, амбиентот во кафулињата, ресторани, продавници, зелениот пазар, како и културниот живот на овој историски локалитет.



