Управниот одбор на АД ЕСМ донесе одлука за времено именување координатори во двата клучни енергетски капацитети во државата. За координатори со целосни овластувања за раководење со комбинатите се именувани Иван Куковски во РЕК „Битола“ и Владимир Пејоски во РЕК „Осломеј“. Од ЕСМ соопштија дека ваквите мерки се преземени „во насока на динамизирање на инвестициските планови и интензивирање на активностите за обезбедување стабилно производство на електрична енергија во зимскиот период“.
Координаторот на РЕК „Битола“, Куковски, е пензионер, а од РЕК велат дека е вратен на работа согласно позитивните законски прописи и дека станува збор за ангажман од времен карактер. Додаваат дека е ангажиран повторно како истакнат стручен кадар со исклучителен придонес во работата на компанијата и потврден професионалец кој изминатите децении остави траен белег во развојот на македонскиот електроенергетски сектор. Во неговата кариера тој извршувал високи и одговорни функции, меѓу кои и во ХЕС „Маврово“, како директор на производство во АД ЕЛЕМ до 2017, а до јуни 2025 ја извршуваше и функцијата претседател на Надзорниот одбор на АД ЕСМ.
За координаторот на РЕК „Осломеј“, Пејоски, велат дека е актуелен директор за развој и инвестиции и член на Управниот одбор на АД ЕСМ, магистер по технички науки и дипломиран машински инженер. Најголемиот дел од својата професионална кариера го поминал токму во РЕК Осломеј, каде што во детали ги познава сите оперативни и технички процеси.
„Одлуката на Управниот одбор се темели на уверувањето дека долгогодишното искуство и познавање на состојбите во РЕК ‘Битола’ и во РЕК ‘Осломеј’ на новоименуваните координатори значително ќе придонесат за зголемување на доверливоста на комбинатите. Нивниот ангажман ќе биде примарно фокусиран на успешна реализација на енергетскиот биланс и одржување на стабилен енергетски систем во претстојните зимски месеци“, соопштија од ЕСМ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



