Здружението на судии инсистира на спроведување темелна, прецизна и транспарентна истрага за случајот со притворениот судија од Апелациониот суд во Скопје. Тие велат дека надлежните органи мора да ги утврдат сите релевантни факти и околности, вклучително и можноста во случајот да биле инволвирани и други лица.
Од Здружението велат дека истражувањето на овој случај не смее да биде селективно и мора да се спроведе со целосна почит кон законските процедури.
„Во случај на докажана корупција, Здружението на судии јасно и недвосмислено се оградува од секој корумпиран судија или носител на судска функција кој со своето незаконско постапување го нарушува угледот и интегритетот на судскиот систем. Таквите појави не смеат и не треба да се поврзуваат со судиите кои чесно, професионално и одговорно ја извршуваат својата функција, а кои претставуваат огромно мнозинство во судството. Во таа насока, Здружението бара целосно почитување и заштита на угледот и достоинството на чесните судии, како и воздржаност од генерализации кои дополнително ја поткопуваат довербата на граѓаните во правосудниот систем“, се вели во соопштението.
Здружението на судии смета дека ваков принципиелен и одговорен пристап треба да биде применет и кон сите други општествени чинители и функционери кои се склони кон коруптивно однесување, бидејќи токму ваквите појави со години придонесуваат за губење на довербата на граѓаните во институциите и во системот во целина.
Во соопштението се вели дека правосудните органи треба да покажат отчетност и достоинство, избегнувајќи сензационализам кој дополнително ја поткопува довербата на јавноста. Здружението вели дека чесните судии бараат јасно разграничување од колегите кои го прекршиле законот, но истовремено потсетуваат на задолжителното почитување на начелото на пресумпција на невиност во текот на целиот процес.
Вчера, судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, му изрече мерка куќен притвор на апелацискиот судија Ѓоко Ристов. На судијата, при претрес во неделата му најдоа соѕидани во дупка од ѕид 350.000 евра, непријавени и со неоправдано потекло.



