Еден милиони евра е тендерот кој Град Скопје го склучи со приватна фирма за чистење на снегот од улиците низ градот. Договорот за ангажирање на специјални возила за зимско одржување на сообраќајници е склучен на 29 октомври лани со фирмата „Нексос инженеринг“ од Скопје. На тендерот имало две понуди, а договорот е склучен за период од 24 месеци.
Граѓани се жалат дека утрово улиците во Скопје не биле исчистени навремено, односно не се интервенирало доцна во ноќта кога почнале врнежите, туку подоцна утрото откако улиците беа покриени со снег. Поради ниските температури снегот бил подмрзнат. Граѓани кои одат на работа околу 7 часот велат дека морале да возат многу полека, бидејќи улиците се лизгале, а на кружните текови се создавале колони возила. Сол не била навремено фрлена ниту на надвозниците и подвозниците.
„Надвозникот кој води кон населбите Геге и Волково беше покриен со снег. Утрово колони возила се создаваа во населбата оти се чекаше ред една по една колите да го искачат надвозникот и да се спуштат. Од 3 сантиметри снег се блокираше градот“, велат жители на населбата Геге.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски утрово на својот Фејсбук профил се пофали дека градот бил навремено исчистен од снегот и улиците се проодни.
„Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот“, напиша Ѓорѓиевски на Фејсбук.
А. АНТЕВСКА



