ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ВЕЛИ ДЕКА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПЕРЕЊЕТО ПАРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗАСТАРУВА ДУРИ ВО 2035 ГОДИНА И ОТИ ТАА НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ГОНЕЊЕ

    ОБВИНИТЕЛКАТА ЛЕНЧЕ РИСТОСКА ВЕЛИ ДЕКА ПРЕДМЕТОТ ЗА ПЕРЕЊЕТО ПАРИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗАСТАРУВА ДУРИ ВО 2035 ГОДИНА И ОТИ ТАА НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ГОНЕЊЕЗа притисоците, заплашувањата и навредите, Ристоска поднела тужба против партијата, а премиерот Мицкоски го пријави пред Советот на јавни обвинители; - Од судење за Талир 1 (Фото: СДК.МК)

    Предметот за перење пари од страна на поранешни функционери од ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски застарува дури во 2035 година и поради тоа обвинителката Ленче Ристоска вели дека нема да се откаже од гонење на сторениот криминал, иако трпи навреди и притисоци од власта секој ден.

    Додека чека Советот на јавни обвинители да се состане по пријавата против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој ја навреди јавно во интервју, таа поднела граѓанска тужба против партијата, која со соопштение во октомври најави нејзин „крај“.

    „Ги преземам сите институционални механизми што ми се на располагање бидејќи е недозволиво кое било обвинето лице да врши притисок врз јавен обвинител, а најмалку од позиција на моќ. Поднесов тужба против партијата. Поднесов известување за премиерот до Советот на јавни обвинители како институција која е задолжена за заштита на самостојноста на јавните обвинители“, изјави денеска Ристоска по одложувањето на „Талир1“ за перење пари, во недоглед.

    Основниот кривичен суд овој предмет бескрајно го развлекува и поради тоа ниеден од судиите кои го суделе, досега не е казнет од страна на Судскиот совет.

    Денеска имаше обид по шести пат одново да почне овој голем предмет, поради кој избеганиот Никола Груевски не може да се врати во Македонија.

    „Одбраната во овој случај знае дека доказите на Обвинителството се неприкосновени и цврсти, па нивната доказна стратегија е фокусирана на одолголекување на постапката, бидејќи само преку застарување обвинетите можат да избегнат одговорност. Од друга страна обвинителството и покрај застареното предикативно дело (злоупотреба на службената положба и овластувањата за Никола Груевски и Кире Божиновски), смета дека нема пречки за гонење на кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, за кое застареноста според законот настапува 2035 година“, изјави Ристоска за САКАМДАКАЖАМ.МК .

    Таа го застапува и обвинението „Талир 2“, во кој предмет е замрзнат имотот на Белата палата, односно седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а кој застарува порано.

    Во „Талир 1“ за Перење пари остануваат истите обвинети: Никола Груевски, Кире Божиновски, Илија Димовски, Леко Ристовски и Миле Јанакиески.

    Ова судење почна уште во февруари 2019 година и уште е во прв степен.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира