Русија и Украина кажаа дека територијалните прашања остануваат нерешени во пресрет на средбата на американски, руски и украински преговарачи во Абу Даби. По четиричасовната средба на Владимир Путин со Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Москва, Кремљ потврди дека руски функционери ќе учествуваат во разговорите.
Тоа ќе биде прва средба на трите земји од почетокот на војната во февруари 2022.
Русија ги опиша разговорите во Москва како многу корисни, но нагласи дека траен мир не може да се постигне без да се решат територијалните прашања.
„Додека тоа не се постигне, Русија ќе продолжи да ги следи целите на специјалната воена операција. Русија е искрено заинтересирана за дипломатско решение, но без решавањето на територијалното прашање според формулата договорена на Алјаска, нема надеж за постигнување долгорочно решение“, изјави советникот за надворешна политика на Путин, Јури Ушаков.
По разговорите со Доналд Трамп во Давос, Володимир Зеленски кажа дека е постигнат договор за американските безбедносни гаранции за Украиина, но идниот статус на источна Украина останува нерешен.
„Сè е околу земјата. Ова прашање сè уште не е решено. Русите мора да бидат подготвени за компромиси, не само Украина“, рече Зеленски.
Најболното прашање останува барањето на Русија дека Украина мора да ги предаде преостанатите 25% од регионот Доњецк што и натаму ги контролира.
Украинската делегација во Абу Даби ќе ја предводат Рустем Умеров, шефот на Националниот совет за безбедност и одбрана и Кирило Буданов, шефот на кабинетот на Зеленски, а руската страна ќе ја застапува Игор Костјуков, директорот на воената разузнавачка агенција ГРУ.
Минатиот месец, Зеленски кажа дека американскиот мировен план од 20 точки е 90% подготвен и дека украинскиот став за Донбас е различен од рускиот. Тој предложи повлекување на украинските и руските трупи со цел да се создаде слободна и демилитаризирана економска зона во Донбас.



