„Бекутан“, еден од најпрепознатливите брендови за бебешка нега во регионот, првпат официјално влезе на францускиот пазар преку малопродажната мрежа на „Лидл“, каде што детскиот крем „Бекутан“ во пакување од 100 милилитри ќе биде достапен во речиси 2.000 продажни објекти низ Франција.
„Тимот на ‘Лидл‘ од Франција го препозна детскиот крем ‘Бекутан‘ како производ со значителен пазарен потенцијал во сегментот на детската козметика. Како клучни фактори при оваа проценка беа издвоени квалитетот на формулацијата, долгата традиција и стабилната лидерска позиција на брендот на регионалните пазари, на кои токму овој производ е позициониран како еден од водечките производи во својата категорија. Соработката со ‘Лидл Франција‘ претставува значајна потврда за глобалната стратешка ориентација на компанијата и за нејзината континуирана посветеност на градењето силно и одржливо присуство на меѓународните пазари“, соопшти „Алкалоид“.
Освен на пазарите во регионот, брендот „Бекутан“ е присутен и на дваесетина други пазари, вклучувајќи ги САД, Германија, Швајцарија, Норвешка, Шведска, Велика Британија, Полска, Малезија, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Од само пет фармацевтски формулации за хигиена и нега на детската кожа лансирани во 1978 година, брендот „Бекутан“ денес располага со портфолио од над 60 основни типови производи и со повеќе од 100 различни форми на пакувања, сите клинички и дерматолошки тестирани и развиени во соработка со педијатри, неонатолози и дерматолози.



