Филмските автори и актерите чии кариери беа обликувани од Роберт Редфорд и Институтот Санденс што тој го основа, се осврнаа на неговото наследство како кум на независниот филм на гала вечерта полна со ѕвезди, на првиот филмски фестивал Санденс по неговата смрт. Редофорд почина на 16 септември 2025, на 89 години. Годинешното издание почна на 22 јануари и ќе трае до 1 февруари.
Фестивалското издание во 2026 – последно во Јута, пред Санденс да се пресели во Болдер, Колорадо – е љубовно писмо до засолништето што Редфорд го основа во државата пред неколку децении за приказни што не се вклопуваа во мејнстримот. Дури и додека фестивалот се упатува кон својот нов дом, делот од наследството на Редфорд за кој неговата ќерка рече дека му значел најмногу, ќе остане во Јута: лабораториските програми за писатели и режисери на Институтот.
„Кога татко ми можеше да создаде империја, тој создаде гнездо“, рече ќерка му Ејми Редфорд. „Институтот Санденс беше дизајниран да поддржува, заштитува и храни, а потоа да ослободува.“
Таа рече дека нема место каде што нејзиниот татко би сакал повеќе да биде освен да седи со нов режисер во планинскиот одморалиште Санденс што го основал, околу 54 километри јужно од Парк Сити.
Лабораториите, кои започнаа во 1981 година, ги носат младите сценаристи во рустичното одморалиште во северна Јута за да ги развијат своите таленти под стручно водство и подалеку од вревата на Холивуд. Три од петте номинирани за најдобар режисер на овогодинешните Оскари – Пол Томас Андерсон, Клое Жао и Рајан Куглер – произлегоа од лабораториите.
Жао, чиј нов филм „Хамнет“ е номиниран за осум Оскари, рече дека лабораторијата за сценарија ја поттикнала нејзината кариера во 2012. Под менторство на Редфорд и директорката на програмата Мишел Сатер, научила да верува во сопствената визија и стекнала непроценлива заедница на креативци.
Пред проекциите на овогодинешниот фестивал оди кратко видео во чест на Редфорд, кое постојано е дочекано со громогласен аплауз. Многу волонтери носат копчиња на кои пишува „Ти благодарам Боб!“ Подоцна на фестивалот ќе биде прикажан неговиот прв вистински независен филм, спортската драма од 1969 година „Тркач во спуст“.



