Премиерот Христијан Мицкоски носи рачен часовник од марката „ИВЦ Портофино“, чија вредност се проценува на околу 6.900 долари, покажува анализата на фејсбук-страница за љубители на часовници, за часовниците што ги поседуваат лидерите на земјите членки на НАТО.
Во својот анкетен лист за имотната состојба, Мицкоски пријавил часовници во вкупна вредност од 52.000 евра, стекнати во 2015 и 2016 година, но во документот не е прецизирано за колку примероци станува збор, ниту за кои брендови.
Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека не е никаква тајна оти премиерот пред да влезе во политиката работел во бизнис секторот, конкретно во делот на енергетиката, каде што соработувал со познати светски фирми.
„Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто кое што тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено. Тоа е се до моментот пред да влезе во политиката, каде што престанува со било каков вид на бизниси и работење за приватни фирми. И што е најважно, се е чесно, транспарентно и до детал објаснето за неговите примања што ги имал. Е ова е разликата помеѓу претседателот Мицкоски и Филипче и Заев. Тоа што овие двајца од СДС од голтари станаа милионери со помош на власта, а претседателот Мицкоски има заработено чесно и на лесно проверлив начин може да се види како заработувал“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Според листата со лидерите во НАТО и нивните часовници, најскапиот модел на листата го поседува белгискиот лидер Барт де Вевер, чиј часовник чини околу 19.000 долари, додека американскиот претседател Доналд Трамп често носи примерок вреден 15.000 долари. Од друга страна, дел од лидерите избираат функционалност и скромност, па така норвешкиот премиер Јонас Гар Стере и неговиот канадски колега Марк Карни носат часовници „своч“ од 84 долари.
Во регионот, албанскиот премиер Еди Рама е забележан со часовник вреден 4.700 долари, додека хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ носи модел од 2.000 долари. Анализата забележува и зголемен тренд на користење паметна технологија, па така италијанската премиерка Џорџа Мелони и чешкиот премиер Петр Фиала ги замениле класичните модели со „епл воч“.



