Десетици граѓани попладнево дојдоа пред дирекцијата на Управата за јавни приходи (УЈП) во Тетово да го изразат својот револт поради издадените решенија на институцијата за плаќање данок на приход заработен во странска земја.
„Да се стопираат сите овие решенија што ни се издадени. Бидејќи сите ние имаме работено по шест, седум месеци, осум месеци. Според член 5 од Законот за нерезидентост, сите ние имаме докази дека сме плаќале данок таму. Сите докази што сме ги доставиле тие не ги прифаќаат. Второ бараме одговорност од нивната страна, бидејќи ова е после пет години. Бараме одговорност зошто тие навремено не нè известија нас. После толку време нè известуваат сега значи во тесен рок од 15 дена пред Нова година. Немавме време ни да собереме документи, сите ние имаме рокови од 30 дена да го обжалиме тоа решение“, изјави Зоран Наковски.
На протестот на тетовци имаше и неколкумина од Куманово кои повеќе пати протестираа во нивниот град и побараа директна средба со директорката на УЈП.
„Бараме централната власт да ни помогне, Министерството за надворешни работи, конзулатите да ни обезбедат документација, Министерството за внатрешни работи да ни даде документација за влез-излез од државата. Наше уставно право е да ги имаме ние тие податоци за да докажеме дека ние не сме биле во тој момент во државата. Директорката кажала дека ние сме ги добиле решенијата во 2021 година, ама граѓаните не си ги подмириле тие решенија. Таа треба да докаже, а ние ја демантиравме дека сме добиле такви решенија. Ние имаме докази дека такви решенија нема и луѓето што имаат вадено решенија подоцна 2022, 2023, 2024, немаат никаков данок за плаќање по основ на плата, личен доход од странство “, изјави Жикица Миланов од Куманово.
УЈП соопшти дека престојот во странство подолг од 183 дена не ја исклучува даночната резидентност. Воедно дека обврската за пријавување и оданочување на доход остварен од странство согласно Законот за данок на личен доход и тоа не е нова законска мерка која би се применувала ретроактивно. Секој е должен да го пријави својот целокупен светски доход и да го оданочи согласно законските прописи.
З. АНДОНОВ



