ВО СЛОВЕНИЈА СТУДИРААТ 800 БИТОЛЧАНИ, А ВО БИТОЛА 600, ПРОФЕСОРИТЕ ВЕЛАТ МОРА ДА СЕ ВЛОЖУВА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ

    ВО СЛОВЕНИЈА СТУДИРААТ 800 БИТОЛЧАНИ, А ВО БИТОЛА 600, ПРОФЕСОРИТЕ ВЕЛАТ МОРА ДА СЕ ВЛОЖУВА ВО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ„Мора да сфатиме - ние сме за студентите, а не студентите за нас професорите“, рекоа учесниците на денешната панел-дискусија во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Сѐ поголем број матуранти од Битола заминуваат да студираат во Словенија, рекоа учесниците на панел-дискусијата „Положбата на вработените во високото образование во Македонија“, што во организација на Синдикатот на вработените на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) се одржа во Битола. Според неофицијални бројки, околу 800 битолчани студираат на словенечките факултети, а 600 на битолските, иако Битола четири и пол децении е универзитетски град.

    „Еден од предизвиците е популарноста на факултетите во странство. Повеќе битолчани студираат во Љубљана, Марибор и Копер отколку што студираат во Битола. Елитата на младите од Битола е во Словенија, а најголем дел и не се враќаат. Не затоа што таму има подобри услови, туку затоа што имаат подобри можности да добијат знаење и да продолжат со својата работа. Мора да сфатиме – ние сме за студентите, а не студентите за нас, професорите. Уште еднаш апелирам до сите да ги подобриме условите за работа во високото образование, да се посветиме, бидејќи младите ќе си заминат“, изјави проф. д-р Сашо Дуковски, претседател на Синдикатот на УКЛО.

    Според словенечки извори, во двете академски години 2023/2024 и 2024/2025 во Словенија се запишале над 3.100 студенти од Македонија. Официјалната статистика на Битолскиот универзитет покажува дека во 2013/2014 година имале 488 бруцоши од Битола и 328 од Прилеп, а 10 години подоцна 296 битолчани и 181 прилепчанец.

    „Врз одлуките влијае и квалитетот на живеење во општеството. Честопати младите, зборувам за мојата струка од Факултетот за информатички и комуникациски технологии, како струка во која имаат високи примања, квалитетно образование и лесно се наоѓа работа, сепак заминуваат зашто не се задоволни од животот во градот и општеството. Мора да се работи на двете – ние да се вложуваме во поквалитетно образование, а локалните и централните власти да работат повеќе на обезбедување здрава животна средина, дигитализација, борба со аномалиите во општеството, друг механизам нема“, рече ректорот, проф. д-р Игор Неделковски.

    Се навршија три години од формирањето на Синдикатот на УКЛО, а со потпишувањето на Колективниот договор, вработените на универзитетот добија и солидни плати. Но, останува недостигот на научен подмладок.

    „Ако порано зборувавме за ниски плати, лоша општествена состојба на академскиот кадар, тоа повеќе не е случај. Но, за жал, сега имаме недостаток на кадар, научен подмладок, односно асистенти и доценти. Законот за буџети предвидува и на универзитетите за секое вработување согласност, покрај Министерството за образование и наука (МОН), кое редовно ни излегува во пресрет, завршниот збор да го има Министерството за финансии, а таму гледаат според кондицијата на буџетот, а не според академските перформанси“, додаде Неделковски.

    Врз основа на билатералните договори, студирањето во Словенија е бесплатно (нема школарина) за државјаните на Македонија на додипломските и магистерските студии на државните образовни установи.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира