ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВЛЕЗЕ ВО ОПШТИНА ОХРИД ПО СОМНЕВАЊАТА ЗА КОРУПЦИЈА ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОР

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ВЛЕЗЕ ВО ОПШТИНА ОХРИД ПО СОМНЕВАЊАТА ЗА КОРУПЦИЈА ВО ИЗВЕШТАЈОТ НА ДРЖАВНИОТ РЕВИЗОРПредистрагата е за 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, но и за сомнително финансиско работење, отпишување на долгови без знаење на Советот на општината, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацеви и друго (Фото: СДК.МК)

    Обвинителството оформило предмет и врши предистрага во Општина Охрид, по добиениот извештај од Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој утврдил дека во Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, но и сомнително финансиско работење, отпишување долгови без знаење на општинскиот Совет, јавни набавки без тендери, чудни трампи на плацеви.

    ДЗР на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, одговорија денеска од Обвинителството.

    Станува збор за констатирање огромни неправилности и сомнително работење на Општината, под раководство на актуелниот градоначалник Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ. Извештајот е за 2024 година, кога тој беше градоначалник во првиот мандат. Од ноември 2025 тој го почна вториот мандат.

    Општината немала донесено урбанистичките планови за 20 населени места, нема преземено мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, поставувањето урбана опрема е без дозволи и платени комунални такси, а субвенционирањето на јавните претпријатија во вкупен износ од 36.505.000 денари (околу 600.000 евра) е без Програма и претходно обезбедена согласност од Советот, откри ДЗР.

    Во постапките за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти не се почитуваат законски пропишаните рокови и не се следи наплатата на надоместокот за уредување на правен статус на бесправно изградени објекти кој е на одложено плаќање (12 еднакви месечни рати), така што издадени се решенија со само една извршена уплата. Иако Советот имал донесено 1.748 одлуки за утврдување на потребата од донесување урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправно изградените објекти, во рок од пет години по нив не е постапено. За бесправните објекти кои не ги исполнуваат условите за издавање на урбанистичка согласност донесени се 4.847 решенија за одбивање, но не се преземени мерки истите да бидат отстранети иако овластените градежни инспектори за период од 2019-2024 година издале 456 правосилни управни акти за нелегални градби. Со ова, не е испочитувана обврската предвидена со ‘Планот за заштита на културно наследство’ за детален инвентар на сите бесправно изградени објекти, проценка на нивното влијание врз исклучителната универзална вредност на општината и отстранување на сите бесправни изградени објекти, особено во Националниот парк ‘Галичица’, за кои, врз основа на претходно спроведените оценки ќе се утврди дека претставуваат закана за доброто, вклучително и за интегритетот и автентичноста на градот“, се вели во Извештајот на ДЗР.

    Без одлука од Советот на Општината, извршен е отпис на побарувања од буџетски корисници во износ од 534.000 денари за фактурирани комунални трошоци во период од 2017-2020 година и отпис на 4.832.000 денари, претплатни салда за кои нема соодветна поткрепувачка документација, а се однесуваат на повеќе физички и правни лица.

    „Даночните обврзници кои се стекнале со дополнителен или нов имот во минати години не се задолжени со данок на имот, a за данокот на имот кој не е платен во пропишаниот рок, не се пресметува и наплатува камата“, е само една од бројните незаконитости утврдени од државниот ревизор.

    Охрид и Охридскиот Регион се под заштита на УНЕСКО, но поради загрозеноста од дивoградбите и уништувањето на природата, оваа организација го покрена прашањeто за ставање на Листата на светско наследство во опасност. Одлуката за Охрид, сепак, да не биде ставен на Листата во опасност како и доставувањето на извештајот за напредокот во спроведувањето на препораките се донесе минатата година на 47-та сесија на Комитетот за светско наследство во Париз.

    До 1 февруари Македонија и Албанија треба да достават извештај до Центарот за светско наследство на УНЕСКО за преземените мерки за заштита на Охрид и Охридското Езеро. Извештајот треба да содржи конкретни заштитни мерки за природното и културното наследство, контрола на урбанистичкиот развој и крајбрежјето, функционална координација меѓу институциите и меѓудржавна соработка со Албанија кои се клучни за задржување на статусот на светско природно и културно наследство и за избегнување на впишување на регионот на Листата на светско наследство во опасност.

    Ако извештајот не биде доставен навреме или биде оценет како недоволен, Комитетот на УНЕСКО може повторно да го отвори прашањето за ставање на Охридскиот Регион на Листата на светско наследство во опасност, што би значело засилен меѓународен надзор и дополнителни рестрикции.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира