ОБВИНЕТИ 23 ПОЛИЦАЈЦИ ЗА КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР ВО ДИСКОТО „ПУЛС“, 9 ОД НИВ ШТО ВРШЕЛЕ РАЦИЈА НЕ ЈА ЗАПРЕЛЕ ПИРОТЕХНИКАТА КОЈА НЕ БИЛА ПРИЈАВЕНА ВО МВР

    ОБВИНЕТИ 23 ПОЛИЦАЈЦИ ЗА КАТАСТРОФАЛНИОТ ПОЖАР ВО ДИСКОТО „ПУЛС“, 9 ОД НИВ ШТО ВРШЕЛЕ РАЦИЈА НЕ ЈА ЗАПРЕЛЕ ПИРОТЕХНИКАТА КОЈА НЕ БИЛА ПРИЈАВЕНА ВО МВРДеветминтаа полицајци, постапувајќи по наведениот план за акциска контрола во кабаре „Пулс" во Кочани, не презеле соодветни мерки за заштита за присутните лица, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничка опрема на сцената, иако употребата на пиротехника не била пријавена во полицијата во Кочани. (Фото: СДК.МК)

    Деветмина полицајци од ОВР Пробиштип и од ОВР Кочани не ја запреле запалената пиротехника во диското „Пулс“ и ја игнорирале огромната гужва, продолжувајќи да гледаат наоколу само дали има малолетници вечер на 16 март 2025 кога избувна пожарот. Тие се само дел од вкупно 23-та полициски службеници, меѓу кои има и два началника од СВР Штип и два од ОВР Кочани, против кои обвинителката за организиран криминал и корупција Ивана Алексова-Трајчева денеска до судот поднела 3 обвиненија.

    Таа денеска на брифинг со новинарите кажа дека темелно работела во неколку истраги, по 4 поднесени кривични пријави во кои биле опфатени 27 полициски службеници. Дел од обвинетите се спомнуваат во по неколку обвиненија, па конечниот збир е 23 обвинети.

    Поради нивното неизвршување на задолженијата дадени со закон и поради злоупотреба на службената положба и овластвањата, се случил катастрофалниот пожар во хангарот за производство „Пулс“ во Кочани, импровизиран во диско, кога загинаа 63 млади лица и неколку деца, а беа повредени над 230 луѓе.

    Покрај овие резултати од истрагата, тече судски процес и против 35 обвинети цивили, за кои Кочанското обвинителство смета дека се исто така виновни за  најголемата насреќа во Македонија.

    Алексова-Трајчева од Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), до Кривичниот суд Скопје поднесе Обвинителен акт против 13 полициски службеници. Тие се обвинети дека како соизвршители сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност по чл. 292 ст. 2 в.в со чл. 288 ст.3 в.в со ст.2 в.в. со чл.22 од Кривичниот законик.

    Според обвинението, обвинетите во временскиот период од 14-16.3.2025 година не постапиле согласно прописите за мерките за заштита одобрувајќи и спроведувајки План за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на Полициската станица (ПС) Кочани, без да проверат дали тој ги има опфатено сите проверки што се во надлежност на МВР, како и дали се почитувани одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик при вршење на полициски работи.

    На 16.03.2025 година, дел од обвинетите (деветмина полицајци од Пробиштип и Кочани), постапувајќи по наведениот план за акциска контрола во кабаре „Пулс” во Кочани, не презеле соодветни мерки за заштита за присутните лица, ниту мерки за спречување на активирање на пиротехничка опрема на сцената, иако употребата на пиротехника не била пријавена во ПС Кочани. Како последица на несоодветните услови за работа во текот на акциската контрола, настанал пожар, при што придонеле за настапувањетс смрт на 63 лица, а 223 лица се здобиле со тешки телесни повреди и телесни повреди.

    Покрај ова, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и обвинителен предлог против девет полициски службеници обвинети за Злоупотреба на службена положба и овластување. Обвинетите не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за вршење на угостителска дејност на Кабаре „Пулс” во Кочани и овозможиле тоа да добие лиценца во 2022 и 2023 година, а со намера да прибават имотна корист за правното лице во вкупен поголем износ од 284.576,00 денари за 2022 година и имотна корист за неформалниот сопственик на клубот, во вкупен поголем износ од 335.916,00 денари бруто плата.

    Дополнително, до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен и Обвинителен предлог против тројца полициски службеници, кои не ги извршиле своите должности. Обвинетите, при изготвување на записници за извршена контрола во клубот во кои констатирале сторени прекршоци по чл.21 од Законот за прекршоци против јавен ред и мир, внеле неточни податоци за правното и за одговорното лице и дозволиле да бидат поведени прекршочни постапки против неактивно правно лице и физичко лице со намера за правното и физичкото лице да прибават имотна корист. Постапките биле против згаснатата фирма, а не против актуелната.

    „Во однос на уште седум полициски службеници, јавниот обвинител донесе Наредба за запирање на истражната постапка. Имено, постапувајќи по наводите од кривичната пријава поднесена од МВР поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител во текот на истрагата презеде повеќе дејствија со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба. Притоа е утврдено дека на овие полициски службеници им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, односно на 07.12.2012 година, 10.02.2018 година, 24.01.2019 година, 13.01.2022 година и на 21.01.2022 година. Имајки предвид дека надлежноста на специјализираното одделение е воспоставена од 07.11.2018 година, предмет на кривично-правна оценка во оваа постапка беа само дејствијата преземени од 2019 до 2022 година, додека за останатите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани“, кажа обвинителката Алексова-Трајчева.

    Во конкретниот случај е утврдено дека полициските службеници, согласно чл.6 од Законот за угостителска дејност биле надлежни да вршат проверки исклучиво во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир безбедноста во сообракајот, но не и проверки поврзани со услови з противпожарна заштита и минимално технички услови за вршење на угостителск дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност. Оттука, нивните дејствија не можат д се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожар критичната вечер. За условите се води судење против други лица.

    Кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое беше донесена Наредба за спроведување на истражна постапка, согласно член 288 став 2 од КЗ, бара постоење на директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето по прописите за мерките за заштита и настанатата последица смрт на едно или повеке лица. Во конкретниот случај, дејствијата на полициските службеници опфатени со овој предмет се поврзани исклучиво за проверки за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообракајот, кое нешто се однесува само на обезбеден број на паркинг места. Иако се обезбедени докази дека проверките од областа на јавниот ред и мир и безбедноста во сообракајот не биле извршени правилно, истите не можат да се подведат под правната квалфикација за кривично дело Тешки дела против општата сигурност по чл. 292 ст.2 в.в со чл. 286 ст.3 в.в со ст. 2 в.в. со чл. 22 од КЗ.

    „Тоа дали имало пет или шест мпаркинг места, место најмалку 20, не ја активирало пиротехниката и не го запалило плафонот на диското“, објаснуваше обвинителката.

    Обвинителството цени дека овие дејствија може да се подведат под правната квалификација за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.1 или ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичниот законик, во зависност од прибавената имотна корист

    Како и во сите истраги за злоупотреби, и тука срамните измени на Кривичниот законик направиле штета, па спасиле од одговорност неколку полицајци.

    „За дејствијата преземени во 2019 година, имајки предвид дека клубот поніавил загуба, би се работело за делото од член 353 став 1, за кое е предвидена казна затвор од шест месеци до три години. Со оглед дека наредбата за спроведување на истражна постапка е донесена на 16.04.2025 година, за овие дејствија е настапена апсолутна застареност на кривичното гонење, согласно членовите 107 став 5 и 108 став 6 од КЗ“, вели обвинителката.

    За разлика од тоа, за дејствијате преземени на 21.01.2022 година од страна на дел од осомничените, не е настапена застареност на кривичното гонење. Согласно податоците од Централниот регистар добиени во текот на предистражната постапка, клубот во 2022 година остварил добивка во вкупен износ од 284.576,00 денари, поради што лажењето на овие осомничени се подведени под правната квалификација од чл. 353 ст.3 в.в. со ст.1 од КЗ, за што е и поднесено предметното обвинение.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира