ПО ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ОНЛАЈН-НАСТАВА, УЧЕНИЦИТЕ ОД ТЕТОВСКАТА ГИМНАЗИЈА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“ КОИ НАСТАВАТА ЈА СЛЕДАТ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, КОНЕЧНО ЌЕ СЕДНАТ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИ

    ПО ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ ОНЛАЈН-НАСТАВА, УЧЕНИЦИТЕ ОД ТЕТОВСКАТА ГИМНАЗИЈА „КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ“ КОИ НАСТАВАТА ЈА СЛЕДАТ НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, КОНЕЧНО ЌЕ СЕДНАТ ВО УЧИЛИШНИТЕ КЛУПИВо објектот кој кај тетовци е познат под името „Стара медицина“, бидејќи тука долго време беше медицинското училиште, сега се обновени седум училници. (Фото: СДК.МК)

    Заврши реконструкцијата на двете згради од тетовската гимназија во која учат учениците кои ја следат наставата на македонски јазик. Обновата на објектите, кои беа во мошне лоша состојба, започна во јули 2025 година, а се изврши со донација од 800 илјади евра од приватната фирма „Унипромет НМ“ ДООЕЛ Скопје.

    Во објектот кој кај тетовци е познат под името „Стара медицина“, бидејќи тука долго време беше медицинското училиште, сега се обновени седум училници. Опремен е кабинет за информатика, два тоалета, наставничка канцеларија, библиотека и две дополнителни канцеларии. Во втората зграда има шест училници, наставничка канцеларија, тоалет, кабинети по природни науки и мала спортска сала. Поради реконструкцијата, учениците од прва до четврта година целото прво полугодие наставата ја следеа онлајн.

    „Овие два објекти долго време се икона на градот и се едни од најубавите, но за жал, долго време беа оставени во заборав. Со средства обезбедени од Општината, Владата и од донатори, ние работиме за подобри услови во нашите средни училишта, со цел нашите ученици да имаат соодветна средина за учење“, изјави градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами.

    На пуштањето на двете реконструирани згради на Гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование Весна Јаневска и министерот за економија Бесар Дурмиши.

    Двете згради каде што сега учат тетовските гимназијалци од македонските паралелки, се меѓу најстарите зачувани објекти во градот. Изградени се во периодот 1912-1913 година. Тука била првата гимназија во Тетово, потоа во неа биле сместени разни административни служби, а подолг период функционираше средното медицинско училиште. Откако тоа се префрли во нов објект, овие две згради повторно станаа дел од гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира