НОВ ПРОТЕСТ НА ИНИЦИЈАТИВАТА „СТОП ЗА УСЈЕ“, ОД ЦЕМЕНТАРНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ ОСТАНАЛО ВИСОКО И ДОДЕКА ФАБРИКАТА БИЛА НА РЕМОНТ

    НОВ ПРОТЕСТ НА ИНИЦИЈАТИВАТА „СТОП ЗА УСЈЕ“, ОД ЦЕМЕНТАРНИЦАТА ВЕЛАТ ДЕКА ЗАГАДУВАЊЕТО ВО СКОПЈЕ ОСТАНАЛО ВИСОКО И ДОДЕКА ФАБРИКАТА БИЛА НА РЕМОНТГраѓаните на протестот се сомневаат во веродостојноста на официјалните мерења на загадувањето, тврдејќи дека тие не ја прикажуваат вистинската состојба на теренот. (Фото: К. Попов)

    Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска организираше нов протестен марш во Скопје под мотото „Профит за Усје, болест за народот“, на кој беше упатено барање за затворање на цементарницата. Учесниците на протестот изразија незадоволство од досегашната реакција на надлежните институции во однос на заштитата на здравјето на граѓаните од загадувањето на воздухот.

    „Владата не прави ништо со загадувањето. Дури ни во екстремно загадените денови не се преземаат никакви мерки за наша заштита“, кажа еден од говорниците на протестот.

    За време на протестот, граѓаните изразија сомнеж во веродостојноста на официјалните мерења на загадувањето, тврдејќи дека тие не ја прикажуваат вистинската состојба на теренот. Според нив, властите не преземаат соодветни мерки за да го спречат негативното влијание на индустриските објекти врз животната средина.

    Протестниот марш започна пред зградата на Владата, по што граѓаните продолжија кон Собранието и Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што ги повторија своите барања за итно дејствување и поголема контрола над загадувачите.

    Целосно неаргументирани се нападите кон компанијата дека е причина за лошиот квалитет на воздухот во Скопје, соопштија во меѓувреме од „Титан Усје“. Од фабриката велат дека податоците недвосмислено покажуваат оти амбиенталниот воздух ги задржал истите вредности и во периодот кога нивните капацитети воопшто не биле во функција.

    Според извештајот од компанијата, поради редовен ремонт двете печки биле исклучени – едната од 20 декември минатата година, а втората од 16 јануари до 29 јануари годинава. Иако во овој период производството целосно прекинало, концентрацијата на ПМ 10 честичките во Скопје достигнала до 275 микрограми на кубен метар. Од „Усје“ велат дека ова е јасна потврда оти индустријата не е главен извор на загадувањето.

    Повикувајќи се на независни студии и хемиски анализи, од „Титан Усје“ велат дека индустријата има значително помало влијание врз воздухот во споредба со загревањето на домовите, сообраќајот, градежните работи и палењето на отворено. Тие бараат еднаков третман за сите субјекти и оценување на нивната работа според стручни параметри и закони, наместо преку лични и паушални ставови.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира