Град Скопје го објави првиот конкурс за финансирање културно-уметнички проекти за „Скопје Европска престолнина на културата 2028“. Предвиден е вкупен буџет од 300.000 евра, при што еден грант има максимален износ до 50.000 евра.
Проектите избрани преку овој конкурс ќе станат составен дел од официјалната програма Скопје 2028, спроведувана низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори, се вели во конкурсот кој е меѓународен.
„Проектите може да се одвиваат помеѓу 2026 и 2028 година, со периоди на резиденција или активности кои се движат од 7 до 60 работни денови, во зависност од обемот“, се вели во конкурсот со рок за пријавување до 29 март.
Во септември 2023 Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка.
Според конкурсот, Скопје 2028 се води според мотото „Култура над поделба“, кое ја отсликува историската улога на градот како место на средби, издржливост и солидарност.



