ПРОШИРУВАЊЕТО НА УЛИЦАТА ЦВЕТАН ДИМОВ ЌЕ ЧИНИ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ПРЕДВИДУВА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНА ЧАИР

    ПРОШИРУВАЊЕТО НА УЛИЦАТА ЦВЕТАН ДИМОВ ЌЕ ЧИНИ 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ПРЕДВИДУВА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНА ЧАИРСпоред проектот, улицата Цветан Димов треба да стане булевар со по три ленти во двата правци. (Фото: Општина Чаир)

    Околу 2,5 милиони евра или 150 милиони денари ќе чини проширувањето на улицата Цветан Димов во Чаир. Град Скопје и Општина Чаир ќе потпишат договор за меѓуопштинска соработка за старт на проектот за проширување на оваа делница, која е тесно грло во градот.

    Во договорот за меѓуопштинска соработка, кој треба да биде усвоен на утрешната седница на Советот на Град Скопје, се вели дека Град Скопје во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со средства во висина од 150.000.000 денари со вклучен ДДВ, обезбедени од Буџетот на Град Скопје. Се предвидува 5.000.000 денари да бидат обезбедени од буџетот за оваа година, 55 милиони денари во 2027 година и 90 милиони во 2028 година. Градот ќе учествува и во решавањето на имотно-правните спорови.

    Општина Чаир во остварувањето на оваа соработка ќе учествува со изработка на ревидиран Урбанистички проект за инфраструктура со идеен и основен сообраќаен проект.

    „Врз основа на проценка извршена од страна на изработувачот на проектната документација, констатирано е дека за реализација на изградба, реконструкција и одржување на улицата Цветан Димов од раскрсница со булевар Никола Карев до раскрсница со улица Џон Кенеди, потребни се 150 милиони денари“, се вели во образложението на одлуката за меѓуопштинска соработка.

    Улицата Цветан Димов сега има по две коловозни ленти во двата правци, но на неа постојано е метеж бидејќи една од лентите е блокирана со паркирани коли.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира