На територијата на скопската Општина Центар има 60 казина и кладилници, покажува истражувањето коe теренски го спроведе граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“. Како што велат од иницијативатa, во Центар има повеќе казина и кладилници отколку детски и спортски игралишта.
„Центар е казино-општина. Ги мапиравме казината, автомат-клубовите и кладилниците покрај кои поминувавме. Ги има 60, повеќе отколку сите детски и спортски игралишта заедно. Како што имаме извори на загадување на воздухот, имаме и извори на загадување на духот“, велат од „Шанса за Центар“.
Извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) насловен „Европски проект за истражување во училиштата за алкохол и други дроги во Македонија“ (ЕСПАД) објавен на 22 декември лани, покажа дека секој четврти ученик се коцкал за пари. Коцкањето со физичко присуство е почесто (21%) отколку онлајн коцкањето (15%), иако и двете се значајно застапени. Проблематичното коцкање се зголемило од 4,5% во 2019 на 7,6% во 2024 кај оние кои се коцкаат (9,3% од момчињата и 4,1% од девојчињата во 2024).
Се проценува дека во 2019 година 4,5% од сите ученици кои се коцкале биле проблематични коцкари. Во 2024, овој процент се зголемил на 7,6%. Кај момчињата, преваленцата на проблематично коцкање речиси се удвоила, од 5,8% во 2019 на 9,3% во 2024. Сличен модел е забележан и кај девојчињата, иако на пониски нивоа. Во 2019, се проценува дека 2,3% од девојчињата кои се коцкале имале проблем со коцкањето, зголемувајќи се на 4,1% во 2024.
Меѓу 2015 и 2024 година, вкупната распространетост на коцкањето за пари кај учениците во последните 12 месеци покажала постепено опаѓање. Во 2015, 31% од учениците пријавиле коцкање, што се намалило на 27% во 2019 и дополнително се намалило на 25% во 2024.
А. АНТЕВСКА




