Кремљ соопшти дека Русија ќе продолжи да има одговорен пристап кон стратешката нуклеарна стабилност, и покрај истекот на последниот договор за контрола на нуклеарното оружје помеѓу Москва и Вашингтон.
Портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, изјави дека договорот „Нов старт“, кој поставува ограничувања за бројот на ракети, лансери и стратешки боеви глави на двете страни, ќе истече до крајот на денот.
„Кога денот ќе заврши, тој договорот ќе престане да има ефект“, изјави Песков.
Русија предложи двете страни доброволно да ги продолжат условите од договорот за една година за да се обезбеди време за дискусија за нов договор, но Кремљ вели дека САД никогаш формално не одговориле на овој предлог.
„Договорот завршува. Ние го гледаме ова негативно и изразуваме жалење. Што ќе се случи следно, зависи од тоа како ќе се одвиваат настаните. Во секој случај, Руската Федерација ќе го задржи својот одговорен и внимателен пристап кон прашањето за стратешка стабилност во областа на нуклеарното оружје и, како и секогаш, ќе се води од своите национални интереси“, рече Песков.
Договорот „Нов старт“, потпишан во 2010, го ограничи бројот на распоредени стратешки нуклеарни боеви глави за секоја страна на 1.550 и воспостави одредена транспарентност. И покрај техничката суспензија на „Нов старт“ пред три години, се сметаше дека двете земји сè уште го почитуваат договорот. Другите долгогодишни договори за контрола на оружјето веќе не се во сила.
И САД и Русија моментално ги модернизираат своите нуклеарни сили и ги зголемуваат своите стратешки капацитети, што укажува дека нова трка во вооружување е веќе во тек.



