Почина Коста Балабанов, истакнат историчар на уметноста, филмски и телевизиски сценарист и долгогодишен почесен козул на Јапонија во земјава, потврди семејството за САКАМДАКАЖАМ.МК. Имаше 96 години.
Балаанов од 1956 година до 1980 година раководи со евиденцијата и документацијата на иконите во Републичкиот завод, посетувајќи повеќе од 1.340 населени места во Македонија со над 1.700 цркви и манастири, евидентирајќи притоа над 18.000 икони.
Роден е на 5 април 1929 го Штип. Уште како студент, во 1952 година, почнал да работи во тогашниот Централен завод за заштита на спомениците на културата како помошник-препаратор. Од 1953 работеше таму во својство на историчар на уметноста-конзерватор. Во 1955 дипломира историја на уметноста со археологија на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето продолжил да работи во Централниот, подоцна веќе Републичкиот завод за заштита на културните споменици и природните реткости на Македонија во Скопје, каде се здобил со звањето приправник-конзерватор. Во 1956 година од Сојузниот завод за заштита на спомениците на културата во Белград е бил испратен на специјализација во Виена, во Центарот за конзервација (Bundesdek – malamt).
Како стручњак за средновековната уметност, во 1955 ја објавува својата прва посебна книга посветена на истражувањата на Топличкиот манастир, Демир Хисар. Oбјавил повеќе од 200 стручни и научни трудови и 24 книги посветени на средновековната уметност. Во 1965 докторира на тема „Иконописот во Македонија од периодот на османлиското владеење“.
Од 1981 работеше во Републичкиот завод за заштита на спомениците, а во 1994 беше именуван за првиот почесен генерален конзул на Јапонија во Македонија и за директор на Јапонскиот информативен центар во Скопје.
Амбасадата на Јапонија во земјава изрази длабоко сочувство по повод смртта на Балабанов.
„Тој имаше клучна улога во унапредувањето на пријателските односи меѓу Јапонија и Северна Македонија преку културна размена, образование и соработка меѓу луѓето. Балабанов беше истакнат научник во областа на средновековната уметност, а од 1967 година започна неговата доживотна поврзаност со Јапонија. Во 1990 година учествуваше во основањето на Македонско–Јапонското здружение за пријателство, со кое претседаваше 30 години. За својот извонреден придонес беше назначен за Почесен генерален конзул во 1994 година, ја доби наградата на Јапонската Фондација во 2001, а во 2008 беше одликуван со Орден на изгрејсонце. Неговото дело останува траен симбол на јапонско–македонското пријателство и взаемна почит“, велат од јапонската амбасада.
Балабанов со филм почнува да се занимава како автор на сценарија и на текстови за документарни филмови од областа на археологијата и средновековната уметност на територијата на Македонија. Соработувал со „Вардар филм“ и ТВ Скопје (МРТВ) и според неговите текстуални подлоги, реализирани се 32 документарни филма (или епизоди), често синхронизирани на странски јазици.



