Нов начин на финансирање на високообразовните установи, зајакнување на критериумите за напредување во звања на факултетите, промена во студиските програми се дел од новините кои министерката за образование и наука Весна Јаневска ги презентираше на денешната прес-конференција.
Јаневска ги претстави предлог- законите за високо образование, за квалитет во високото образование и за науката и за научно-истражувачка дејност, од кои, првите два се веќе објавени на Националниот ЕНЕР системот, а третиот ќе биде објавен деновиве.
Министерката вели дека овие новини се неопходни бидејќи сегашниот Закон за високо образование од 2018 создаде повеќе проблеми отколку што реши.
Во Законот за високо образование се предвидуваат бенефиции за студентите кои со стипендија од државата студираат на најдобрите 100 светски универзитети или пак студираат во Македонија и се добитници на Инженерски прстен или се прогласени за најдобри студенти на универзитетот. Тие ќе имаат предност при вработувањето на државните универзитети, како наставно-научен кадар.
Ќе има и нов начин на финансирање на високообразовните установи, т. е. се предвидува развојна компонента и исклучителна компонента за успешност, односно повеќе пари за оние универзитети кои ќе се потрудат да исполнат одредени повисоки критериуми.
Се зајакнуваат критериумите за напредување во звања на факултетите. Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега ќе има обврска до изборот да изработи и објави најмалку 6 – 7 научни трудови, од кои 3 – 4 треба да бидат објавени во списание со импакт-фактор од базите Web of science или Scopus.
„Зошто е ова важно? Светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1.000 на Шангајската ранг-листа, треба годишно да продуцира и објавува најмалку 1.200 трудови во списанија со импакт-фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови. Тоа мора да го промениме. Се разбира, ќе има период на прилагодување. Има професори, кои се затекнати во избор и за нив ќе има олеснувања за првиот следен избор. Законот предвидува еден наставник доживотно да остане во исто звање доколку ги исполнува условите за тоа звање при секој нареден избор. Еднаш избрани редовни професори во иднина, по усвојување на законот, ќе имаат реизбор по 7 години. Оние кои се веќе се избрани во редовни професори, нема да бидат опфатени со овој закон. Мандатот на ректорите ќе биде 4 години, наместо сегашните 3. Променет е моделот за избор на ректор“, кажа Јаневска.
Говорејќи за студиските програми, Јаневска кажа дека македонските универзитети спроведуваат некаде над 1.300 студиски програми. Притоа, постојат случаи каде на една студиска програма се запишани само двајца, тројца или пет студенти, што, вели таа, е апсолутно неприфатливо.
„Оттука, во договор со универзитетите, се договоривме дека тој систем на такво студирање ќе го промениме, а тоа го предвидува и законот. Ќе воведеме модуларност. Тоа значи, на пример: На Правниот факултет, сите студенти ги завршуваат првите две години заедно. Првите две години се исти за сите и сите добиваат основа за дипломиран правник. Во вторите две години (трета и четврта), студентот се усмерува.
Во иднина, еве да речеме, студентот сака да учи англиски јазик, под А ќе учи англиски јазик, под Б ако сака ќе учи германски, италијански, француски, кој и да е друг. Нема да има три студенти за германски, пет за француски, шест за чешки или еден за чешки, туку тие ќе се запишат на странски јазик и можат да си одберат понатаму да изучуваат. Овој принцип ќе важи за сите факултети. Со ова очекуваме драстично намалување на бројот на расцепкани студиски програми. Бидејќи сите јавни високообразовни установи во Македонија ќе треба многу брзо да се прилагодат на овие нови услови, очекуваме дека релативно голем број од нив самите ќе се затворат, или ќе бидат затворени по сила на закон“, кажа министерката.
На новинарско прашање дали со овие измени ќе се создаде вишок на професори, министерката кажа дека не очекува, меѓутоа времето ќе го покаже своето.
„Има еден дополнителен проблем кој понатаму со подзаконски акти треба да го решиме. Има една нерамномерна прераспределба на професорите на катедрите или институтите. Па така, имаме катедра која по систематизација има пет професори, а всушност се вработени десет. И имаме катедри кои по систематизацијата треба да имаат пет професори, а всушност имаат само еден. Отсега и постојано фалат луѓе за овие катедри каде што нема професори, а де факто имаме превработеност на друго место“, вели Јаневска.
Според министерката, ќе се воспостави систем каде што вработувањата на наставно-научниот кадар ќе одат по систематизација, за да нема премногу или премалку професори за одредени студиски програми. Систематизациите самите универзитети ќе си ги носат.
„Ниту во програмите ќе им се мешаме како држава, ниту во било која нивна наставно-научна дејност, но отчетност ќе бараме за првпат. Иако постоеше Советот и во претходните закони, никогаш не профункционира како што требаше. Долг низ години требаше да профункционира Националниот совет за високо образование и наука. Тој профункционира во последните години и навистина имаше ефект од неговото функционирање. Сега ќе профункционира и Советот и внатрешниот квалитет. Тие треба да имаат систем за внатрешен квалитет кој исто така ќе биде евалуиран од агенцијата“, додаде министерката.
Паралелно со овој закон, се носи и нов Закон за квалитет во високото образование и научно истражувачката дејност, со кој се предвидува реорганизација и заживување на улогата на Агенцијата за квалитет во високото образование, која, како што рече таа, во изминатите 5 години на постоење, вршела само акредитација на безброј оправдани и неоправдани студиски програми, но не и евалуација.
„Новина е наместо два одбори за акредитација и за евалуација, законот предвидува еден Совет кој ќе работи со стручни комисии. Дефинирање на постапките за евалуација, самоевалуација, акредитација, надзор над работата на високообразовните установи и научно-истражувачките субјекти и така натаму. Анализиравме структури на ваков тип институции во други земји и цениме дека новата организациска поставеност на АКВО ќе даде подобри резултати“, додаде министерката.
И третиот нов Закон е за научно-истражувачката дејност, предвидува типови на научни установи, доделување на средства за научно-истражувачки проекти, финансирање на научни институти и центри за извонредност, јасно дефинирање на постапки за избор во научни звања на истражувачите и слично.
„Законот е во тесна корелација со другите два и оттука, очекувам Собранието одеднаш да ги усвои сите, се разбира по претходно доставување на најдобрите текстови“, кажа Јаневска.
Б. НЕСТОРОСКА



