Низа пропусти се утврдени во барот „Ле Констеласион“ во Кран-Монтана, каде што во пожарот во новогодишната ноќ загинаа 41 лице. Обвинителските документи до кои дојде британски „Телеграф“ укажуваат на цел каталог на пропусти: незаштитена пена, премал број противпожарни апарати, заклучени излези за итни случаи и локална власт која не спровела ниту една безбедносна инспекција од 2019 година, и покрај обврската за годишни проверки.
Адвокатите на неколку семејства велат дека трагедијата не била резултат на еден несовесен момент, туку на низа пропусти кои се протегаат подалеку од една прскалка на шише шампањ и еден тавански панел.
Менаџерот на барот Жак Морети во 2008 година бил осуден во францускиот град Анеси за регрутирање млади жени да работат во салон за масажа во Женева. Подоцна доби 12-месечна затворска казна, од кои осум месеци условно, поради поттикнување проституција. Две години подоцна, на Корзика бил осуден на две години затвор за измама со социјално осигурување.
Морети и неговата сопруга пристигнале во Кран-Монтана во 2015 и го презеле управувањето со „Ле Констеласион“, кој претходно функционирал како обично кафуле. Подоцна го прошириле своето присуство во одморалиштето, управувајќи со уште неколку локали. После пожарот се поставуваат прашања како двојката успеала да изгради мало угостителско царство во едно од најексклузивните одморалишта во Швајцарија, како што некои жители го опишуваат.
Давиде Д’Агостино, архитект чија фирма се наоѓа веднаш до изгорениот бар, вели дека долго време бил збунет како локалите опстанувале.
„Барот никогаш не функционираше како што треба. Некои денови беше затворен. И сите се прашуваа како ова место опстојува без никакви гости“, вели тој.
Двојката Морети често можела да се види како вози луксузни возила регистрирани на име на барот. Во 2020, против нив била поведена истрага поради сомнежи дека злоупотребиле ковид-кредит за да купат „масерати“, но обвиненијата биле повлечени зашто тврделе дека станувало збор за службено возило.
Нема докази дека тој имал какви било врски со мафијата, а француски извори изјавиле дека не е познат на корзиканското подземје.
Општинските власти негираат каква било соработка со Морети. Тој на 24 јануари беше пуштен од притвор откако беше одредена кауција од 200.000 швајцарски франци. Неименуван пријател на Морети се согласил да ја плати сумата.



