Никакви маaлски или кучиња со сопственици не го нападнаа двегодишното дете во Битола, тоа беа улични кучиња кои влегоа во дворот од семејната куќа и буквално го искасапија детето, вели Самедин Канановски од Центарот за интеграција на Ромите од Битола, кој е и жител на населбата Баир, каде што на 6 февруари се случи несреќата.
„Настанот се случи на улица Караорман, кога детето си играше во дворот и глутница кучиња буквално влезе во дворот и го искасаа, влечкајќи го надвор на улица. Таткото кога виде што се случува истрча по кучињата за да си го спаси детето“, вели Канановски.
Вели дека не се точни информациите дека тоа биле кучиња на соседите или маалски.
„Кружат дезинформации дека тоа биле маалски кучиња, кучиња кои имале газди, но не е така. Ние живееме во населбата Баир и знаеме дека не може глутница од 7-8 кучиња да имаат газди. Ете, и на Широк Сокак има можеби 50 кучиња, ги хранат некои од дуќанџиите и ајде сега да ги наречеме нив маалски кучиња“, вели Канановски.
Тој е во контакт со родителите на детенцето кое е хоспитализирано на Клиничкиот центар во Скопје и вели дека заздравувањето ќе трае долго. Тое е искасано по вилицата, вратот, препоните, стомакот и десната страна на телото.
Канановски бара прв приоритет на Општината да биде отстранувањето на кучињата скитници од улиците и нивно згрижување во соодветно прифатилиште.
Општина Битола во 2024 отвори прифатилиште за кучиња „Хачико“, каде што се работи според хуман принцип „залови, стерилизирај, вакцинирај и врати, односно вдоми“. На тој начин надлежните се надеваат дека со текот на времето ќе се намали популацијата на скитници.
По настанот во кој беше искасано детето, од прифатилиштето „Хачико“ соопштија на социјалните мрежи дека „жалат за случајот, кој, според неофицијални сознанија, се случил на тешко пристапен терен и во неповолни временски услови“ и дека „според првичните информации, се работи за кучиња кои се одгледувани од месното население“.
Во изминатите години Општината често беше тужена од граѓани кои се каснати од кучиња. До 2024, за три години седумкратно беше пораснат износот на пари што ги исплатила Општина Битола по тужби на граѓани каснати од кучиња. Во 2023 биле исплатени 7.769.952 денари (126.340 евра), во 2022 – 2.885.115 денари (46.912 евра), а во 2021 – 1.129.000 (18.350 евра).
Ж. ЗДРАВКОВСКА



