Италијанските истражители го идентификувале првиот осомничен за учество во наводното организирано убивање цивили во Сараево за време на војната во БиХ во 1990-тите, што стана познато како „снајперски туризам“.
Италијанските медиуми објавија дека осомничениот е 80-годишен поранешен возач на камион кој живее во градот Порденоне близу границата со Словенија. Полицијата го повикала на сослушување и извршила претрес во неговиот дом, каде што биле пронајдени седум парчиња оружје, што ги поседувал со дозвола.
Според сведочењата собрани од обвинителите, тој наводно се фалел дека „ловел мажи“ во Сараево.
Во наредбата на обвинителот, според италијанските медиуми, се наведува дека „осомничениот бил во дослух со други, сè уште непознати лица и следејќи криминален план, предизвикал смрт на беспомошни цивили, вклучувајќи жени, стари лица и деца, со пукање со снајперски пушки од ридовите околу Сараево“. Според италијанските медиуми, истрагата се води и во Франција, Швајцарија и Белгија, бидејќи учесниците доаѓале од неколку земји.
Повеќе од 10.000 луѓе беа убиени во Сараево од гранати и снајперски оган меѓу 1992 и 1996 година. Снајперистите беа можеби најстрашниот елемент од животот под опсада во Сараево бидејќи тие убиваа луѓе на улиците по случаен избор, вклучувајќи деца.
Се тврди дека Италијанци и други странци учествувале во масакрот како „снајперски туристи“ откако плаќале големи суми пари на српските војници за да бидат превезени до ридовите околу Сараево и да пукаат во населението од задоволство.
Обвинителите од Милано започнаа истрага во ноември, која има за цел да ги идентификува вмешаните Италијанци. Истрагата произлезе од тужба поднесена од писателот Ецио Гавацени, кој собрал докази за обвинувањата и од извештај испратен од поранешната градоначалничка на Сараево, Бењамина Кариќ.



