Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски поднесе оставка од функцијата. Од Регулаторната комисија за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдија дека Бислимоски утрово ја доставил својата оставка до Собранието.
Бислимоски за првпат беше избран за претседател на Регулаторната комисија во 2018, а во 2023 доби втор петгодишен мандат.
Заблагодарувајќи му се за долгогодишната работа, од Регулаторната комисија соопштија дека согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, сè додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на Комисијата, Бислимоски ќе ја извршува функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има согласно Законот за енергетика.
Оставката на Бислимоски следи две недели откако Финансиската полиција поднесе кривична пријава против него. На 29 јануари, Финансиската полиција до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе пријавата за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување, односно оти не била одземена лиценца за вршење енергетска дејност на фирмата „Тритерол Петрол ДООЕЛ“ Скопје.
„Пријавениот М. Б. во својство на претседател на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел, биодизел, еуросупер, екстра лесно 1 и течен нафтен гас на правното лице ‘Тритерол Петрол ДООЕЛ‘ Скопје, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско Решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година. Со тоа ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, соопштија тогаш од Финансиската полиција.
Бислимоски тогаш изјави дека нема да дозволи на ниту еден начин да биде извалкано неговото име.
„Сè што стои на располагање, јас ќе го дадам на соодветните институции и цврсто сум сигурен дека ќе докажеме дека апсолутно немало никакво прекршување, ниту на Законот за енергетика, ниту на Правилникот за лиценцирање“, изјави Бислимоски.
А. АНТЕВСКА



