Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев ќе дојдат во Апелациониот суд Скопје на деветти април, за кога е закажана јавна седница по поднесените жалби против изречените доживотни затворски казни за киднапирањата и свирепите убиства што им ги сториле на детето Вања Ѓорчевска од Скопје и на Панче Жежовски од Велес.
Тие во жалбите бараат укинување на доживотните казни затвор што им ги изрече во прв степен судијата Ивица Стефановски од Основниот кривичен суд Скопје.
Четворицата неправосилно осудени бараат укинување на првостепената пресуда и враќање на постапката отпочеток, во Кривичниот суд Скопје.
Судија-известител од Скопска апелација за овој предмет сега е судијката Лирие Елези-Ајрулау, откако претходно му беше одземен на судијата Ѓоко Ристов, кој сега е во куќен притвор.
За кривичните дела грабнување и две свирепи убиства, судијата Ивица Стефановски на сите четворица обвинети на чело со Љупчо Палевски им одреди по 10 години за грабнување на Ѓорчевска и на Жежовски, а за свирепите убиства доживотен затвор за сите. Таткото на Вања, обвинетиот Александар Ѓорчевски, е ослободен од обвинението, за што Обвинителството поднесе жалба до Апелација.
Во образложението на пресудата, судијата Стефановски кажа дека на 27 ноември 2023 во седум часот, по насока на Палевски, Видевски и Манев ја грабнале Вања со намера од член на семејството да изнудат пари. Кога детето излегло од лифтот, ја чекале Видевски и Манев. Ја фатиле за устата и половината, ја совладале, заканувајќи ѝ се да не вика.
Во вреќата за спиење ја ставиле на стомак, Манев ја врзал за рацете и нозете, Видевски ѝ се заканил да не вика оти ќе пукаат, Манев ја ставил преку рамото и ја сместиле во гепекот на „ситроенот“ на веќе покојниот Панче Жежовски.
По насоки на Палевски, ја однеле на местото Дупки кај Бразда и изложувајќи ја на тешко психичко страдање, Палевски ја убил. Таа починала веднаш од куршумот што ѝ поминал низ мозокот, сѐ до прешлените.
Претходно на 22 ноември 2023 година, на ист начин, Манев го нападнал Панче Жежовски, Видевски го совладал и му залепил лента на устата. По насоки на Палевски, го однеле на местото Рудник над Велес, Палевски го убил, со еден куршум му го растурил мозокот.
И во двата случаја, возел или чувал стража, односно логистика им бил четвртоосудениот Влатко Кешишев.
Во текот на судењето Манев и Кешишев ги признаа делата и дадоа детални описи, насочувајќи го Палевски како егзекутор на двете жртви.
Палевски и Видевски, пак, негираа вакви настани.
С. К. ДЕЛЕВСКА



