Советот на Општина Велес донесе одлука со која жолтата не е повеќе официјална боја на такси-возилата во Велес. Променети се и дел од такси-стојалиштата во градот. Одлуката дека жолтата е задолжителна боја беше донесена на 15 февруари 2007.
„Оваа одлука за бојата е по барање на таксистите, жолтата да не биде задолжителна, да не бидат ограничени, туку сами да си избират во каква боја ќе биде возилото. Има и промена на локациите на такси-постојките, некои беа избришани поради режимот на сообраќај, па сега во овој документ тоа и го верификувавме“, кажа Панче Јанев, секретар на Општина Велес.
Дали возилото е такси, корисниците ќе знаат по регистрацијата која е задолжително жолта, потребно е да има залепено налепници на вратите од возилото како и такси-обележје на кровот. Бојата на возилата со кои се врши авто-такси превозот на патници ја избира самиот превозник.
Максималниот број на возила во регистерот за издадени лиценци за вршење на авто-такси превоз на патници во Општина Велес се утврдува на вкупно 250 возила. Во возилото задолжително на видно место над таксиметарот треба да биде истакнат ценовник со утврдените тарифи за чинење на превозот согласно оваа одлука.
Утврден е и дрес-кодот за таксистите. За време на вршење на превозот, авто-такси возачот мора да биде уреден: чист, потстрижен, избричен или со негувана брада и мустаќи, со чиста облека, да се однесува културно и достоинствено кон патниците и не смее да пуши цигари во возилото.
Превозот во летниот период авто-такси возачот не може да го врши облечен во куси панталони, шорц, маица без ракави, односно без кошула или маица, без чевли, патики или сандали на нозете.
П. ПЕЧКОВ



